• понеделник, 23 декември 2024

Во трите средни училишта во Струмица годинава може да се запишат 1299 ученици, планот усвоен на седница на Советот

Во трите средни училишта во Струмица годинава може да се запишат 1299 ученици, планот усвоен на седница на Советот
Струмица, 7 февруари 2022 (МИА) - На последната седница на Советот на Општина Струмица беше усвоен план според кој во трите средни училишта годинава може да се запишат 1299 ученици во 39 паралеки со понудени гимназиско образование - општа гимназија и стручно образование во 15 струки и 29 профили. Според планот, во СОУ „Јане Сандански“ наредната учебна 2022/2023  година може да се запишат 374 ученици во 11 паралелки и тоа: 238 ученици во седум паралелки гимназиско образование и 136 ученици во четири паралелки на економско правна и трговска струка / профил економски техничар. Во СОУУД „Димитар Влахов“ наредната учебна година може да се запишат 408 ученици во 12 паралелки, и тоа во шест струки и 12 профили. Предлог за нов образовен профил има во земјоделската струка -  техничар по ветеринарна медицина, а во хемиско-технолошката струка се предлага нов профил -  техничар за козметички и хемиски производи. Во СОУ „Никола Карев“ ќе може да се запишат 517 ученици во 16 паралелки и тоа во 10 струки и 16 образовни профили. Воедно, оваа година после направена анкета, има интерес кај учениците и за упис во спортската гимназија - дисперзирана паралелка за фудбал. Во училиштата од општина Струмица основното деветгодишно образование треба да го завршат 474 ученика, а во соседните општини во Ново Село - 52, во Василево - 52 и во Босилово 95 ученици. Разликата од бројот на учениците кои завршуваат основно образование и можноста на средните училишта да запишат речиси повеќе од половина ќе се надополнува со ученици од други општини во регионот, кои се заинтересирани да го продолжат средното образование во Струмица. Најголем дел од идните средношколци кои доаѓаат во Струмица патуваат или се сместени во изнајмени станови и сами си ги покриваат трошоците, додека во Ученичкиот дом се опфаќаат помал број од учениците. рт/хс/

Остани поврзан