• вторник, 24 декември 2024

Во тетовско Теарце продолжи кампањата против пукање на веселби „Секој куршум има мета“ 

Во тетовско Теарце продолжи кампањата против пукање на веселби „Секој куршум има мета“ 
Тетово, 15 ноември 2022 (МИА) - Општина Теарце и основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ денеска беа домаќини на кампањата „Секој куршум има мета!Слави со срце, не со оружје“, чија цел е да се намали пукањето на веселбите. Иницијаторите Министерството за внатрешни работи (МВР) и Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП со оваа кампања прават обид да се зголеми свеста за ризиците и опасностите од пукањето на веселби и воопшто од носење и злоупотреба на мало и лесно оружје. -Да ја подигнеме свеста за да ја заштитиме иднината на нашите деца. Ајде да се здружиме во име на безбедноста на граѓаните, да имаме резултат, бидејќи безбедноста на граѓаните не зависи само од институциите, туку и од свеста и однесувањето на секој од нас поединечно. Отсега натаму во нашата општина да не слушаме пукотници за време на семејните собири. Да славиме со срце, а не со оружје, порача градоначалникот на Теарце, Нухи Незири. Големиот број ученици, наставници, претставници на месните заедници и граѓани кои присуствуваа на дебатата добија информации околу тоа колку може да се движи еден испукан куршум во воздух, што доколку некој присуствува на веселба на која се пука, дали и каде смее да пука лице што поседува дозвола за носење оружје и слични едукативни совети. - Апелирам до моите сограѓани и до сите граѓани да се воздржуваат од пукање со огнено оружје затоа што секој куршум испукан дури и во воздух мора да заврши некаде и може да доведе во опасност нечиј живот. Должен сум уште еднаш да ве потсетам дека употребата на оружје е дозволена само на лиценцирани места (полигони), а физичките лица кои имаат лично оружје за кое поседуваат дозвола треба да го чуваат на безбеднио место, рече Амир Далипи, началник во СВР Тетово. Беше поставена изложбата насловена „Што ако...?“ со наслови од медиумски објави за инциденти предизвикани од залутани куршуми, како и видеоматеријалите подготвени од МВР и УНДП со цел едуцирање и информирање на населението. -Доколку некој сега излезе од оваа сала и пука во воздух, тој куршум за период од 20 до 90 секунди ќе падне на земјата, се разбира во зависност од аголот на пукање. Тоа оловно зрно може да заврши тука во непосредна близина, но и дури три километри подалеку од местото на пукање, во соседното село. Секој испукан кушрум има мета, а таа мета може да биде некое дете кое се враќа од училиште, нечија сестра, нечиј брат, сопруг или сопруга. Затоа, пораката која сакам да ја пренесам денеска е дека секој од нас може да придонесе и да спречи трагедија доколку одбие да биде сведок и дел од прослави каде што се слави со огнено оружје и се пука, порача заменичката на постојаниот претставник на УНДП, Сања Бојаниќ. Кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“ се спроведува во исто време во Северна Македонија и во Косово како дел од проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“. Овој проект е финансиран од владите на СР Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд, а e поддржан и од Европската Унија. ас/цр

Остани поврзан