• среда, 27 ноември 2024

Во Тетово се одржа работилница како лицата со попреченост да се справат при евентуални поплави и други катастрофи

Во Тетово се одржа работилница како лицата со попреченост да се справат при евентуални поплави и други катастрофи

Тетово, 27 мај 2024 (МИА) - Во Тетово денеска се одржа работилница како лицата со попреченост да се справат при евентуални поплави и други катастрофи, организирана во рамки на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошки регион“, имплементиран од страна на Програмата за развој при Обединетите Нации (УНДП) и Швајцарската Влада. Овој дел од проектот со неколку работилници во Полошкиот регион е со цел за подигнување на јавната свест за причината и за вклучување на лицата со попреченост во намалувањето на ризици од катастрофи.

- Станува збор за изработка на една студија со анализа со цел да се добијат податоци да се види колку нашите политики и практики кога станува збор за намалување на ризиците од катастрофи ја вклучуваат попреченоста. Се изработи прирачник којшто ги дава насоките, ги дава советите за лицата со попреченост како да се заштитат и самозаштитата во ситуации на кризи, односно на природни или пак од човек предизвикани катастрофи. Станува збор за прирачник во рамки на којшто посебно за секоја група односно лица со попреченост се наведени специфичностите коишто треба да се имаат предвид кога лицата ќе се најдат во една ситуација на ризик и ќе треба да најпрвин се заштитат себеси, а потоа нели да учествуваат и во заштитата на сите останати околу нив, изјави Марија Трифуновска, специјалист за вклучување на попреченоста во УНДП

Васко Поповски соработник на проектот УНДП, истакна дека студијата за јавни политики за вклучување на попреченост во намалувањето на ризици од катастрофи, покажала дека во државата лицата со попреченост се практично невидливи за системот за намалување на ризици од катастрофи.

- Во минатото има добри практики која беа издвоени во јавната студија за политиките за вклучување на попреченоста. Меѓутоа за жал, тоа сепак се само фрагментирани поединечни активности и отсуствува целосното вклучување во текот на целиот циклус на намалувањето на ризици од катастрофи од превенцијата, подготвеност за одговори како закана, посочи Поповски.

Претставниците на здруженијата велат дека оваа иницијатива е многу корисна за нивните членови.

- Во последните поплави што беа во Шипковица 2015 година, една од жртвите беше лице со попреченост, не можело да излезе од собата, кога надошла водата. Така што ова е навистина ќе ни многу ќе ни користи и на нас и на нашите членови да знаеме како да се справиме со вакви елементарни непогоди. Знаете дека во Тетово често пати знае да се случи поплава, посебно во одредени делови во градот и верувам дека ќе добиеме некои многу интересни совети како да се справиме со ова, истакна Зоран Андонов, претседател на Здружението за церебрална парализа Тетово.

Според претставниците на УНДП, Северна Македонија има потпишано конвенција од оваа област во 2009 година, а во 2011 ја има ратификувано во Собранието со што како држава ја презема обврската сите политики и практики да бидат усогласени со цел оваа голема група на граѓани, кои се нарекуваат лица со попреченост да не бидат изоставени. ас/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан