• петок, 21 февруари 2025

Во Струмица се одржа дебата „Кажи си ја маката“

Во Струмица се одржа дебата „Кажи си ја маката“

Струмица, 20 февруари 2025 (МИА) - Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Граѓанската сила „Замисли“ синоќа организираа отворена дебата „Кажи си ја маката“ со граѓаните на Струмица и југоисточниот регион од земјава. Како соопштија организаторите, целта на настанот, што се одржа во просториите на „Europe House”,  беше активистите на „Замисли“ да се запознаат од прва рака со проблемите, состојбите и предизвиците со коишто се соочуваат граѓаните и да се дискутира околу можностите за граѓанска мобилизација за нивно решавање. 

На дебатата се обратија Никола Димитров, претседател на „Солуција“, професор  д-р Нико Беќаровски, лекар и универзитетски професор, Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори на летање, д-р Митко Манчев, лекар и Томе Христов, антрополог и етнолог, а модератор беше Катарина Синадиновска, соосновачка на „Солуција“ и новинарка. 

Димитров  пред присутните граѓани  уште еднаш истакна дека партизацијата го подрива секое ткиво на општеството и дека е редно време да им се намали политичкиот колач на партиите. 

-До кога во партиските штабови ќе се одлучува кој ќе биде директор на училиште или лекар на клиника?! Ние кои што сме „ничии“ преземаме одговорност и повикуваме на ангажман и мобилизација на сите чесни и посветени граѓани, за заедно, со демократски средства да туркаме во правец спротивен на постојниот, за конечно да нѐ биде!“, рече Димитров. 

Тој накратко информираше и за првата конкретна иницијатива на „Замисли“,  околу промените во Законот за здравствена заштита, коишто треба да го ограничат дискреционото право на партиски поставените директори на здравствените установи при вработувањето на лекари и останат медицински персонал. 

Професорот Беќаровски во истиот контекст посочи дека ако поразително е за општеството што пред 35 и повеќе години здравствениот систем бил подобро организиран, а на клиниките генерално владеел мерит системот при вработувањата. 

-Јас сум долго во здравството и верувајте ми, медицинските сестри пред три децении имаа поголемо знаење одошто поедини кандидати што денеска се примаат на клиниките. Денешните конкурси се претворени во фарса, а кандидати доаѓаат со завршен медицински факултет со просек 10 на крајно сомнителни факултети од регионов, рече Бежаровски.

Митко Манчев, кој работи како матичен лекар во Општина Ново Село, ја сподели својата животна приказна, со сите предизвици и искушенија со коишто се соочил во лавиринтот на здравствениот систем додека не се реализирал како човек и професионалец.  

-И покрај сѐ, решив да останам тука, бидејќи што ќе постигнеме ако сите се иселиме од државава?! Немаме доволно луѓе во здравството затоа што еден куп млади лекари, медицински сестри и друг персонал се иселија, а се иселија токму поради ова што го зборуваме денеска овде: партизацијата на сѐ можно во општеството  и погрешно поставените работи во безброј сегменти од здравствениот систем. Како граѓани не смееме да бидеме неми набљудувачи на ова што се случува, бидејќи политичките елити токму тоа го сакаат, апатични и малодушни граѓани коишто служат само како гласачко тело, истакна Манчев. 

Александар Тасевски посведочи уште еднаш преку примерот на контролорите на летање кога се здружени и единствени граѓаните може да ја одбранат честа, кредибилноста и достоинството на својата професија од обидите за ставање на партиската рака и кај вработувањата во  една од најчувствителните области во државата. 

-Ние покажавме дека пред сѐ сме професионалци, на коишто не им е битна ниту етничката припадност, верата или политичката определба во оваа фела, туку единствено е битно дали контролор на летање ќе стане некој што е квалификуван или не. А, тие сакаа партија да одлучува кој ќе ја земе одговорноста врз судбините на илјадници патници во авиосообраќајот секој ден, рече Тасевски.

Томе Христов, којшто работи како кустос во Музејот во Струмица, како претставник и на граѓаните на оваа општина истакна дека практично во сите сфери има проблеми. 

-Бескрајна партизација, урбанистичка мафија, само обложувалници и казина виреат низ градот, а најгорливиот проблем за нас струмичани во моментов е загадувањето на воздухот. Тоа е геноцид врз народот. Неодамна имавме граѓански протест, и замислете, на него излегоа и претставници од власта и опозицијата. Кога организаторите понудија мерки за спас на граѓаните од загадувањето, тие аплаудираа. Па има ли поголем пример за апсурдот во којшто нѐ доведуваат политичките елити од сите провениенции?“, истакна Христов.  

Присутните граѓани активно учествуваа во дебатата, потврдувајќи ги претежно проблемите што ги истакна нивниот сограѓанин Христов, истакнувајќи и други предизвици, но и нудејќи конструктивни предлози како да тие да се надминат. рт/са/

Фото: организатори

Остани поврзан