• сабота, 23 ноември 2024

Во Струмица одбележан Меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа

Во Струмица одбележан Меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа

Струмица, 9 мај 2023 (МИА) - Со пригодна свеченост Општина Струмица ги одбележа 9. Мај - Меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Одбележувањето се одржа пред споменикот на паднатите борци во НОАВМ во Малиот градски парк, каде беше положено цвеќе, а за значењето на празникот говореше градоначалникот Костадин Костадинов.

-По нашето полноправно членство во НАТО Алијансата, Северна Македонија никогаш не била толку блиску до остварувањето на долгугодишниот сон, како земја-кандидат за членство во Унијата од декември 2005 година. За добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, повторно сме исправени пред предизвикот од недоследно наметнување на непотребни бариери , овојпат од нашиот источен сосед-Бугарија. Но, тоа не треба и не смее да не поколеба, да скренеме од коловозот кој води до нашата посакувана цел. Напротив. По ниедно друго прашање во оваа наша земја, немало толку јасен и недвосмислен консензус, како што е прашањето за нашето евроинтегрирање. Зарем треба да си дозволиме таков „луксуз“ да ги фрлиме во заборав нашите долгогодишни заложби на тој план, и да влеземе во авантура која ќе не води кон пат во непознатото, односно да кинисаме кон ќорсокак од кој нема враќање. Нам ни останува да бидеме мудри и на крилјата на мудроста да го оствариме нашиот стремеж, а притоа да ги задржиме белезите на нашата посебност, рече градоначалникот Костадинов.

На свеченоста беше изведен и пригоден рецитал од страна на ученици-членови на Домот за деца и младинци „Благој Мучето“ од Струмица. рт/ац/

Фото: Општина Струмица

Остани поврзан