• понеделник, 24 февруари 2025

Во Струга нема мултикултурни и мултиетнички проблеми, но потребно е поголемо дружење меѓу различните заедници

Во Струга нема мултикултурни и мултиетнички проблеми, но потребно е поголемо дружење меѓу различните заедници
Струга, 13 јануари 2022 (МИА) – Во Струга нема мултикулутрни и мултиетнички проблеми, но ретко кој го разбира мултикултурализмот. Кај населението постои меѓуетничка омраза, која е затворена, скриена под тепих и е многу опасна, смета Еди Кела, доктор по филолошки науки, која подлабински ја проучува оваа проблематика. Според неа, не се разговара за проблемите, недоразбирањата и омразата. - И покрај тоа што велиме дека Струга е мултикултурен град, реално е, но луѓето се поделени, кафулињата се поделени, колку и да велиме дека не се, сепак се. Нема сегрегација по етничка основа во училиштата, меѓутоа колкава е дружбата меѓу учениците, заклучува Кела. Забележува дека во последните генерации видлива е разликата, во однос на 60-тите и 70-тите години од минатиот век, кога повеќето стружани ги познавале јазиците на националностите, кои живеат во градот, додека сега тоа е реткост. - Последните генерации и те како се чуствува таа разлика, во Струга што ние ја знаеме од 60-тите, 70-тите години, па и претходно. Постои сегрегација, не е тешко и не треба многу да се анализира и истражува за да се забележи. Доволно е да се напомене фактот дека многу млади луѓе денес не го зборуваат јазикот на другиот. Не се промовира тој дел дека Струга ви е одлична можност да научите култури и јазици стихијно, без некој да ви ги наметнува, само со меѓусебно дружење и разбирање. Има многу млади, кои не зборуваат македонски, не зборуваат албански или пак турски. Ако се навратиме генерации наназад, постарите ги зборувале сите три, па и четири јазици, од сите етнички заедници, турски, албански, влашки и македонски. Денес тоа не е карактеристика, истакнува Кела. Загрижувачки, според неа, е што работите се кријат под тепих. - Најмногу ме загрижува и сериозно треба да се работи на недоразбирањата кои се кријат под тепих. Сите тие несфаќања на одредени култури она што пречи кај другиот треба да се дискутира, да излезе на виделина, која е пречката каде настанал прекинот на нашата меѓуетничка или меѓуверска дружба, градење на тој прекрасен мултикултурен свет, со кој Струга се карактеризираше во минатото, смета Кела. Дружењето со лица од различни етничка припадност, не е доволно за мултикултурализам Како дел од проектот „Мултикултурализам и радикализација, нови пристапи кон старите проблеми“, што го спроведува здружението за развој и активизам „Аква“ од Струга, реализирани се обуки преку кои учесниците, лица со различна етничка припадност, се запознаа со мултикултурализмот, различностите и погрешната перцепција на мултикултурализмот. - Дружењето со лица од различна етничка припадност, празнување и честитање празници не е доволно за мултикултурализмот. Мултикултурализмот е многу покомплексна работа. Лицата од различен етнички состав на предавањата имаа можност да се запознаат со таа семиотика на комуникација, со различностите и да ги сватат различностите, како придобивка за нивен културен развој, напредок и взаемно напредување на општеството, појаснува Кела. Во рамките на проектот учесниците имале можност да направат интервју со различни генерации преку кое направиле истражување како гледаат на мултикултурализмот, разлики, предности.... Направиле паралела на Струга вчера и Струга денес. Црквата и ИВЗ во Струга пред Втората светска војна заеднички ги решавале граѓанските спорови Последниот модул од проектот бил студиска посета на верски објекти. Од разговор со верските лидери отец Васко, од црквата „Свети Георги“ и имам Илхан од струшкото Теќе дошле до сознание дека во минатото граѓанските спорови во Струга ги решавале верските лидери. - Анализирајќи ја групата сватив дека дел од учесниците никогаш не посетиле верски објект од другата верска заедница и сметав дека тоа ќе биде од голема корист да сватат, да научат и да ги видат сличностите меѓу различните верски заедници, рече Кела. Верските лидери, додаде, истакнале заеднички проблеми, кои ги решавале во минатото и денес. - Отец Васко ја истакна соработката со другите верски заедници, а како последен таков проект ја посочи реконструкцијата на кровот на црквата „Свети Ѓеорги“, направена волонтерски, без никаков надоместок од мајстори од Франгово, етнички чисто албанско село. Во градското Теќе имам Илхан истакна дека пред Втората светска војна шехот, (поглавар на теќето) и поп Синесија ги решавале сите градски проблеми. Во тој период во Основниот суд во Струга немало граѓански предмети, бидејќи сите спорови ги решавале на мирен начин, ни пренесе Еди. На разликите да гледаме како предности, мултикултурализмот треба да се негува Од своето повеќе годишно искуство во работењето на темата мултикултурализам Еди заклучува дека мултикултурализмот треба да се свати и да се негува, особено со учесници од помлада возраст. Во својата пракса среќавала учесници кои не го знаеле македонскиот јазик и воопшто немале желба да го научат, но по предавањата и укажување на предностите за познавање на различностите тоа се менувало. Преку игра и разни креативни алатки учесниците сваќале дека и да припаѓаат на една етничка заедница се разликуват меѓу себе, но оти сите сме дел од еден род, човечкиот. - Разликите треба да ги гледаме како предности, а не како нешто што треба да не раздели. Разликите придонесуваат кон нашиот личен и општествен развој. Имаше конкретно ученик, кој доаѓаше од чиста етничка средина имаше големи предрасуди и одбивност да го учи македонскиот јазик, на крај од трета година, тој научи перфектно добро македонски јазик и се запиша на Правниот факултет „Јустинијан први“, а сега најдобрите другари му се македонци, истакна нашата соговорничка. Струга е мултикултурно општество и треба да се почитува како такво Ана Наумоска, студент на политички науки, која е дел од проектот „Мултикултурализам и радикализација, нови пристапи кон старите проблеми“ појаснува дека целта е младите во Струга да се запознаат со идејата за мултикултурализмот и да развијат вештини на меѓусебна толеранција, почитување на разликите, славење на разликите и да се изгради сликата дека Струга е мултикултурно општесто и оти треба да го почитуваме како такво. - Историски гледано можеби имало разлика во карактерисиките што ги носат различните култури, начинот на облекувањето, верувањето, религијата... но она што е важно сега младите во Струга ги имаат истите интереси, слушаат иста музика, размислуваат на ист начин, се дружат, посетуваат исти места. Во основа разликите во голема мера се поттиснати, бидејќи обврските што постојат меѓу младите се многу поголеми, смета Наумоска. Според неа, убаво е да се види како живее спротивната култура, религија и верска припадност. - Но, и да видиме дека тоа е нешто што е убаво, богатство на градот и треба да го задржиме како такво. Се намали стигмата и непријатноста, кои се чуствуваа со разликите, тоа е првото нешто што го постигнавме како цел, но и желбата за и понатаму да се проучуваат различностите и да може да се спознае оној што е различен од нас и да се најдат точките што ги поврзуваат. Ако постигнавме соработка на групата деца кои беа дел од проектот, дефинитивно таквата соработка може да се прошири на ниво на сите млади што живеат во Струга и сите точки на врзување, кои ќе ги потиснат различностите и ќе ги врзат младите, нагласи Наумоска. Во рамките на проектот се одржаа и едукативни работилници за фотографија, чиј обучувач беше Гоце Цветков. Наученото го искористија при посетата на верските објекти и институции каде направија фотографии од работи што го претставуваат мултикултурализмот. Фотографиите беа прикажани на изложба. Слаѓана Стојкова Костоски

Остани поврзан