• вторник, 24 декември 2024

Во Скопје отворено Балканското првенство во кендо

Во Скопје отворено Балканското првенство во кендо

Скопје, 29 април 2023 (МИА) - Со поддршка на Општина Карпош, во организација на Македонската Кендо - Иаидо Федерација, викендов во спортскиот центар „Форца“ започна Балканскиот кендо куп за јуниори, сениори и ветерани, кој се одржува по 13. пат. 

 

Во нашата земја, оваа мечувалска боречка полуконтактна вештина се практикува од 2006 година, а Балканијадата се одржува по трет пат. 

 

Покрај љубителите на оваа древна јапонска вештина, на настанот присуствуваше и амбасадорот на Јапонија во нашата земја, господинот Казуја Отсука, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, како и претседателот на Комисијата за спорт при Советот на локалната самоуправа, Давор Грче.

 

- Ми претставува особно задоволство што сите вие денеска сте гости, токму во нашата општина. Ова натпреварување е помогнато исто така од локална самоуправа од Карпош и многу ми е драго што ја негувате оваа древна вештина. Јас како поранешен шампион на Македонија и СФР Југославија во карате, но и како ваш „домаќин“ ви посакувам успешно спортско натпреварување и оттука да понесете само добри впечатоци и спомени – посочи првиот човек на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

 

На овој голем спортски настан учествуваат над 160 кендо-борци. Покрај македонските овде се и учесници од Србија, Бугарија, Грција, Романија, Црна Гора, Турција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, како и гостите од Малта. 

 

Борбите истовремено се одржуваат на неколку борилишта (шиаи), кои пак се поделени во индивидуални и тимски категории. зс/

Остани поврзан