• понеделник, 23 декември 2024

Во свлечиштата во Индија досега загинаа над 150 лица

Во свлечиштата во Индија досега загинаа над 150 лица

Њу Делхи, 31 јули 2024 (МИА) - Најмалку 151 лице загина, а 186 се повредени во свлечиштата кал по силниот дожд во јужната индиска држава Керала, соопшти денеска локалната полиција.

Несреќата се случи откако обилните врнежи предизвикаа буици од кал и вода што ги погодија имотите и селата во Керала.

Спасувачите синоќа извлекоа десетици тела од калта, но нивните напори беа отежнати поради блокираните патишта и нестабилниот терен.

-Неколку области, вклучувајќи ги Мепади, Мундакаи и Чоралмала се отсечени, а патиштата се уништени и предизвикана е голема материјална штета, рече главниот министер на Керала, Пинараји Виџајан.

Властите во погодената област испратија 20.000 литри вода за пиење. Во синоќешното соопштение, исто така, се наведува дека локалните власти поставиле повеќе полски болници.

Медиумите јавуваат дека најголем дел од жртвите се сезонски работници на плантажите за чај. Телевизиските снимки покажаа како спасувачите минуваат низ кал и откорнати дрвја за да стигнат до оние кои останаа изолирани.

Властите мобилизираа хеликоптери за да помогнат во спасувачките напори, а индиската армија беше распоредена за изградба на привремен мост.

Индискиот метеоролошки оддел ја стави Керала во состојба на готовност бидејќи државата е зафатена од постојани дождови. Врнежите го нарушија животот на многумина, а властите во вторникот ги затворија училиштата во некои делови од земјата.

Во централните и северните предели наврнаа и до 28 сантиметри дожд за 24 часа.

Доаѓањето на монсуните станува сè понепредвидливо, а количината на дожд што паѓа за кратко време се зголемува, рече Рокси Метју Кол, климатски научник од Институтот за тропска метеорологија, додавајќи дека лизгањето на земјиштето и поплавите се резултат на обилните врнежи долж целиот планински венец Западен Гатс.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан