• сабота, 23 ноември 2024

Во Сараево отворен 10. Форум за владеење на правото за Југоисточна Европа: Истражување на влијанието на современите технологии врз владеење на правото

Во Сараево отворен 10. Форум за владеење на правото за Југоисточна Европа: Истражување на влијанието на современите технологии врз владеење на правото

Скопје, 10 ноември 2023

Со развојот на технологијата, судството влезе во нова ера на истраги и гонење за криминал и тоа мора да биде во чекор со новите предизвици и можности. Меѓутоа, во тој процес не смеат да бидат загрозени индивидуалните права на граѓаните, беше речено на отворањето на Десеттиот регионален форум за владеење на правото за Југоисточна Европа, што се одржува денес и утре во Сараево. Овој настан собра над 100 учесници, вклучувајќи и судии на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), заедно со потпретседателот на ЕСЧП Марко Бошњак, како и претседатели на правосудни институции, судии, претставници на граѓанското општество и други правни експерти од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија, Србија и пошироко.

Десеттиот регионален форум за владеење на правото за Југоисточна Европа е организиран од невладините организации AIRE Center [Центар за Советување за индивидуални права во Европа] и Civil Rights Defenders [Бранители на човекови права], со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, Шведската агенција за меѓународна развојна соработка и Уставниот суд на Босна и Херцеговина. Фокусот на овогодинешниот Форум е ставен врз клучните предизвици и можности да се оствари рамнотежа меѓу заштита на податоци и транспарентна правда, со фокус врз Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (Конвенцијата), конкретно заштитата од членот 8 (право на почитување на приватен и семеен живот), земајќи ги предвид заштитните мерки предвидени во членот 6 (право на правично судење).

Овие прашања станаа особено значајни неодамна, кога судовите и другите државни органи се справуваат со прашања сврзани со дозволеноста на докази добиени со следењето на електронските комуникациски услуги, како што се EncroChat, Sky ECC, ANOM и други слични ресурси. Овие прашања се релевантни и во Европа, бидејќи технологијата што постојано се развива продолжува да го трансформира начинот на кој вршиме истрага и гонење за криминал и како водиме судски постапки.

„Развојот и распространетоста на технологијата во секојдневните животи на граѓаните создава нови предизвици, но и можности за судството. Иновативните истражни методи, како што се надзорот и пресретнувањето на електронски комуникации, значително ја подобруваат борбата на судството и другите државни органи против организираниот криминал. Сепак, таквите напори не смеат да ги нарушат правата на поединците или на кој било начин да ја поткопаат правичноста и довербата во судскиот систем“, рече Билјана Брејтвејт [Biljana Braithwaite], директорка на Програмата на AIRE центарот за Западниот Балкан на отворањето на Форумот.

Дискусиите на Форумот, исто така, ќе се насочат кон влијанието на технолошкиот развој врз начинот на кој судовите ги водат правните постапки и комуницираат за нив, ургентно важните прашања во врска со тоа како најдобро да се заштити јавната природа на судските постапки и јавната комуникација на пресудите, истовремено заштитувајќи го правото на засегнатите на приватен живот, презумпцијата на невиност и правото „да се биде заборавен“ (со бришење податоци од минатото).

„Рамнотежата меѓу заштитата на податоци и транспарентноста на судските постапки е прашање од големо значење, длабоко вкоренето во принципите на владеењето на правото и демократијата. Таа значително влијае и на зачувување на довербата на граѓаните во судството, што е особено важно во време кога опаѓа довербата во демократијата и судскиот систем во нашиот регион“, рече Горан Милетиќ, директор на Civil Rights Defenders за Европа, Блискиот Исток и Северна Африка.

Валерија Галиќ, претседателка на Уставниот суд на БиХ, во своето воведно обраќање рече дека, во развиената дигитална ера во која живееме, заштитата на податоците и транспарентното судство стануваат сè позначајни аспекти на општеството.

„Воспоставувањето рамнотежа меѓу заштита на податоците, заедно со правото на приватност, од една страна и транспарентно судство, од друга страна, е од клучно значење за зачувување на демократските вредности, правата на граѓаните и воопшто за владеењето на правото. Овој Форум ќе обезбеди единствена можност за дискусија за ова важно прашање, а оваа дебата сигурно ќе доведе до квалитетни заклучоци“, изјави Галиќ.

Џулијан Рајли [Julian Reilly], британскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, рече дека Форумот обезбедува одлична платформа за решавање на сложени прашања и изнаоѓање практични правни решенија кои ќе ги направат побезбедни животите на граѓаните на Западниот Балкан.

„Живееме во време на исклучителен технолошки напредок, што вклучува вештачка интелигенција и друга дигитализација. Новите технологии, освен што даваат можности за поширокото општество, создаваат ризик од злоупотреба што влијае врз откривањето и гонењето на криминалот и врз судските процеси. Заедно мораме брзо и ефикасно да реагираме на овие нови предизвици, така што на полицијата, обвинителството и судството ќе им се дадат алатки и рамки што им се потребни за да ги заштитат граѓаните од тежок и организиран криминал и од корупција. Сигурен сум дека настаните во оваа недела ќе помогнат да се изгради претходен консензус во оваа област“, рече Рајли.

На отворањето на Форумот, Хелена Лагерлоф [Helena Lagerlöf], шведска амбасадорка во Босна и Херцеговина, истакна дека Шведска е исто така заинтересирана да ги поддржи институциите и граѓанските организации во БиХ кои промовираат дијалог на овие теми, бидејќи нивните напори придонесуваат за изгледите за пристапување на оваа земја во ЕУ.

„Подобрувањето на владеењето на правото во Босна и Херцеговина во поглед на пристапот до правдата и заштитата на личните податоци е многу важен чекор во напорите на БиХ да го усогласи своето законодавство со правото на ЕУ“, објасни Лагерлоф.

Оваа година се одбележува една деценија од воспоставувањето на Форумот за владеење на правото за Југоисточна Европа. Овој Форум е еден од најважните годишни настани за претставниците на судството, правните професионалци и претставниците на невладините организации од регионот. Форумот има за цел да ја унапредува примената на Европската конвенција за човекови права во регионот, да ја поттикне регионалната соработка за подобрување на владеењето на правото и човековите права и да обезбеди помош за земјите од регионот во процесот на интеграција во Европската Унија. Билјана Брејтвејт истакна дека извештаите на Европската комисија за Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија беа објавени оваа среда, нагласувајќи дека земјите од Западниот Балкан сè уште не ги исполниле критериумите за владеење на правото, што е суштински чекор на нивниот пат кон ЕУ.

„Не смееме да го изгубиме од вид фактот дека ова прашање е клучно за пристапување во Европската унија, бидејќи основните вредности на ЕУ вклучуваат владеење на правото и почитување на човековите права. Ефикасен, независен, професионален и делотворен судски систем, заедно со делотворна борба против корупцијата и организираниот криминал, е од врвна важност, како и почитувањето на основните права не само со законска гаранција, туку и во практиката“, изјави Брејтвејт.

„Една од основните цели на регионалниот Форум за владеење на правото за Југоисточна Европа, уште од првиот настан одржан во 2014 година, беше да им помогне на земјите од регионот во исполнувањето на критериумите за владеење на правото. Имајќи го предвид протекот на времето оттогаш и неопходноста земјите од регионот да постигнат напредок на нивниот пат кон ЕУ што е можно побргу, јасно е дека оваа мисија е поважна од кога било досега“, додаде таа.

Повеќе информации за Форумот за владеење на правото за Југоисточна Европа можат да се најдат на следнава веб страна: www.rolplatform.org

 

Програма за владеење на правото во Западниот Балкан AIRE центар

__________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан