• петок, 26 јули 2024

Во општина Зелениково се уредува речното корито, се реконструира и училиште

Во општина Зелениково се уредува речното корито, се реконструира и училиште
Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и градоначалникот на Зелениково Коста Маневски денеска извршија увид во тековните проекти што се работат во оваа општина. Мицкоски истакна дека Општина Зелениково и градоначалникот заедно со неговиот тим е исклучително значаен пример како може една мала општина со мали средства да направи големи работи. - Во општина Зелениково, градоначалникот Коста Маневски и тимот се посветени и убеден сум дека се она кое беше ветено предвреме ќе биде реализирано. Со идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и нему како и на многу други ќе им биде олеснето функционирањето бидејќи ќе имаат поддршка наместо опструкциите кои денеска ги имаат на дневно ниво, изјави Мицкоски. 

Градоначалникот Маневски информира дека во населеното место Река се гради регулација и уредување на речно корито. Во основното училиште во населеното место Орешани е завршен проектот за реконструкција на покрив и за громобранска инсталација.

Се одвива реконструкција на улица „10“ во должина од 230 метри, со вкупна вредност на проектот од еден милион и 300 илјади денари. Тој соопшти дека има и многу други проекти што се изградени во општина Зелениково, како два детски забавни паркови и набавка на специјализирано возило за собирање и транспорт на комунален отпад, набавка на нови контејнери. Прв чекор за водоснабдување на село Градовци, како што рече, е бушотина и изнаоѓање на вода за водоснабдување на селото.

- Во Етно комплексот Градовци заедно со жителите и со граѓаните направивме едно преубаво место за рекреација на жителите од општина Зелениково, а и од околните населени места, изјави Маневски. мд/дма/

Остани поврзан