• вторник, 24 декември 2024

Во Македонска Каменица се гради нов пешачки мост на Каменичка Река

Во Македонска Каменица се гради нов пешачки мост на Каменичка Река

Делчево, 12 септември 2024 (МИА) - Во Македонска Каменица започна изградба на нов пешачки мост на Каменичка Река. Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски кој денеска изврши увид во работите истакна дека овој долгоочекуван проект претставува значителен чекор во подобрувањето на инфраструктурата, мобилноста и квалитетот на живот на сите граѓани и посетители на овој град.

-Новиот пешачки мост на Каменичка Река ќе овозможи безбедна и лесна поврзаност на двете страни од градскиот кеј на Каменичка Река, олеснет пристап на граѓаните до новоизградениот спортски комплекс и на жителите од Долно маало до централното градско подрачје. Новоизградениот мост ќе има идентичен изглед со постоечкиот мост пред градската црква „Успение на Пресвета Богородица" и ќе претставува нов естетски елемент кој ќе го збогати урбаниот амбиент во овој дел од нашиот град, истакна Атанасовски.

Изведувач на работите за изградбата на пешачкиот мост е „ДЕУС МИМ" ДООЕЛ.

-Во моментов од страна на изведувачот на градежните работи се изведуваат подготвителни работи, кои вклучуваат ископ на подземни бетонски стопи, како неопходен фундамент за изградба на стабилна основа на мостот. Паралелно, со овие работни активности екипи на Евро Консалтинг вршат геомеханички мерења за утврдување и достигнување на потребната стабилност на подлогата, додаде Атанасовски.

Вкупната вредност на Договорот за изградба на пешачки мост на Каменичка река во Македонска Каменица изнесува 2.117.946,6 со вклучен ДДВ. вс/дма/


Фото: Димчо Атанасовски, градоначалник на Македонска Каменица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан