• среда, 25 декември 2024

Во Куманово речиси половина од пријавените кандидати од првпат полагаат возачки испит

Во Куманово речиси половина од пријавените кандидати од првпат полагаат возачки испит
Куманово, 16 јули 2022 (МИА) - Возачкиот испит е предизвик за младите. Стресното искуство мора да се надмине, бидејќи автомобилот е навистина потребен и за секојдневието, а и за работа каде неретко се бара „Б“ категорија, велат младите кумановци кои на топлото време, трпеливо чекаа да полагаат „градска“ во близина на поранешната фабрика „Чик“. Една од кандидатките полага втор пат. Првиот пат „паднала“ бидејќи не застанала на знак „стоп“, другите двајца полагаат првпат. Кандидатката за полагање внимателно ги слуша членовите на комисијата кои и кажуваат да вклучи лев и десен трепкач. Благо и нервозно се насмевнува и вели дека се надева оти ќе положи. Сите тројца успеале без негативни поени да го положат теоретскиот дел. Најчесто, како што објаснуваат од комисијата, младите паѓаат, бидејќи ги совладува трема, стравот дека нема да положат, уморот, нервозата. Сепак, во Куманово, каде освен кандидати од најголемата општина, полагаат и кандидати од помалите општини од североистокот, задоволителна е бројката на положени од првпат. Во 2021 година, според податоците на испитниот центар „Топ Драјвер“, во Куманово вкупно полагале 2.373 кандидати. Од нив, теоретски дел положиле 1.791 лице од првпат или 75,47 отсто, 1.497 положиле од прв пат полигон или 67, 52 и 954 положиле градска од прв пат или 43, 88 проценти. Во статистиката се наведува дека има лица кои полагале и повеќе од три пати. Ништо поразлична не е статистиката ниту за првите шест месеци од тековната година. Од јануари до јуни полагале 1.098 кандидати, од нив прв пат теоретски дел положиле високи нешто над 72 проценти, полигон 62 отсто и градска 302 кандидати или 41 процент. И за половина година, конкретно за практичниот дел или градска од втор пат положиле 184 кандидати, од трет пат 75, но и 39 мина кои полагале повеќе од три пати. Различни се причините поради кои паѓаат кандидатите или поминуваат од прв пат Контролорот во испитниот центар Иван Јованчевски, со 12 годишно искуство вели дека имаат различни реакции кај кандидатите во зависност од успехот. Тој негира дека комисиите се строги и оти на дневно ниво има и по 50 проценти кои поминуваат. - Се оценува по заслугата, коректни сме кон кандидатите, имаме предвид дека се почетници дека имаат и страв и нервоза. Не дека нема ургенции, но не може да се добие по секоја цена возачка дозвола, мора да се заслужи. Инструкторите исто така треба да посветат сериозно внимание, вели Јованчевски. Дел од кандидатите не ги почитуваат правилата, превенство на минување, имало и такви случаи кога кандидатите се обидувале да поминат на црвено светло. Сепак, според надлежните најлошо поминуваат оние кои веќе возеле, иако ниту е законски, ниту е безбедно како за нив, така и за останатите учесници во сообраќајот. Претседателот на комисијата за полагање, Марјан Крстевски вели дека на дневно ниво половина од кандидатите поминуваат. Останатите најмногу паѓаат на непочитување на првенство на минување. - Има и поситни прекршувањето, но имаме и такви кои не ги почитуваат основните правила, сака да помине на црвено, не пропушта пешаци на премин, вели Крстевски. Според Крстевски, балканската пракса, како што наведува, да се даде возило на тинејџери без положен испит мора да се прекине. Овие кандидати сметаат дека најдобро возат, меѓутоа, членовите на комисиите и инструкторите велат дека не ги почитуваат правилата. Почетниците учат да возат согласно правилата, прописите. Оние кои се самоуки или како што ги нарекуваат научиле на „диво“ да возат, посочува, не почитуваат никакви правила и самите за себе се најопасни. Со овој став се согласува и Горан Филиповски од испитаната комисија. Тој укажува дека оние кои учеле постепено, многу подобро поминуваат на тестовите. - Важно е да се следат правилата, вели Филиповски. Инструкторот Срѓан Петрушевски вели дека ниту поискусните возачи не им се наклонети на возачите почетници. Густиот сообраќај непрописно паркираните возила само ги дополнуваат стресот кај почетниците. - Би апелирал до поискусните возачи да сфатат дека кандидатите немаат искуство, ги учат правилата и ги учиме строго да се придржуваат до правилата. Кога ќе видат табла автошкола треба да се потсетат на деновите кога тие биле неискусни и да бидат трпеливи, да не сигнализираат веднаш кога се вклучува зелено светло, вели Петрушевски. Раководителот на испитниот центар „Топ Драјвер“, Африм Емини вели дека низ годините имале огромна бројка кандидати. Последниов период бројката на оние кои полагаат благо е намалена, делумно поради миграцијата, но и поради кризата. Просечно бројката на кандидати е помеѓу 2.300 и 2.500. - Тестовите се убаво креирани, достапни се онлајн, ги има решени и нерешени, има прирачник, програма каде може да вежбаат, како да се однесуваат, се им е сервирано, само треба концентрација, волја за да се положи. И ние сме отворени за сите кандидати, да им помогнеме доколку нешто не им е јасно, вели Емини. Тој негира дека важи стереотипното размислување дека женските кандидати се полоши возачи од машките и дека почесто паѓаат на градска или полигон. Машките кандидати неретко имаат претходно, како што го нарекува Емини, „диво искуство“ кое не поминува кај членовите на испитната комисија. - Имаме кандидатки кои се посветени на правилата, ги почитуваат насоките на инструкторот и полагаат од првпат. Машките кандидати велат дека имаат искуство кое по разни основи самите го стекнале, но немаат врска с правилата, затоа и паѓаат, кажа Емини. Инструкторите, членовите на комисијата, испитниот центар им препорачува на родителите да не им дозволуваат на малолетниците да возат пред да се стекнат со дозвола, не само затоа што е казниво со закон и недозволиво, туку и поради безбедноста, лична и за сите вклучени во сообраќајот. На некои кандидати едноставно им се потребни повеќе часа за обука, има кои учат за 36 часа, има и поинакви на кои им се потребни над 50 часови. Оние кои сметаат дека на некој начин се обесправени можат да поднесат и приговор. Од испитната комисија велат дека сè се снима, секој кандидат, инструктор, автошколите можат да дојдат и да ги видат снимките. Резултатот им се соопштува пред камера. - Таков е менталитетот кај нас,секогаш е виновен некој друг, виновна е комисијата, николаш инструкторот кој поминува со нив месец дена, меѓутоа, кандидатите секогаш ја посочуваат вината кај комисијата, вели Емини. Програмата е специјално направена и се внесува секој податок. Од испитниот центар велат дека кандидати кои ги обучува одредени инструктори имаат повисок процент на успех, но има и такви чии кандидати често не го полагаат испитот. - Куманово има голем број инструктори, не сите се исти има одлични, солидни, има и поинакви. Не сите кандидати доаѓаат со исто знаење и вештина, изјави Емини. Полагањето скапа инвестиција, но потребна Од испитниот центар Куманово, велат дека од 2008 година досега имале само три приговори и исклучиво за тестовите што ги рангира меѓу поквалитетните во државата. Многу е важно кандидатите сериозно да го сфатат полагањето, затоа што веднаш се вклучуваат во сообраќајот, важно е доколку не се чувствуваат подготвено да земаат дополнителни часови, да се консултираат со искусните возачи. Препораката на испитниот центар, на инструкторите е кандидатите да не правата пауза од полагање до возење, бидејќи дел од наученото може да се заборави. Полагањето е скапо чини околу 600 евра просечно. Според податоците на автошколите и испитниот центар за полагање тестови се наплаќа 2.280 денари, полигон чини 1.750 денари плус за возило до автошкола 700 денари, практичниот дел е 2.450 денари вклучувајќи го и изнајменото возило за полагање. Во Куманово автошколите се договорени и полагањето чини 26.000 денари која важи од 1 декември 2021 година. Во оваа цена вклучена е теоретска настава, практична обука, пробен тест. За прва помош се плаќа 1.400, во Црвен крст за прва помош 1.500 денари. Безбедноста на возачите почетници приоритет Почитувањето на сообраќајните правила е многу важно и затоа отсекот за превенција од СВР Куманово кој со активности почнува со најмладите од рана возраст и ги едуцира преку теорија, пракса од предучилишна па сѐ до средношколска возраст. На овој начин младите се запознаваат со правилата и прописите. Годинава со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведена е едукација во средните училишта, спроведени се едукации и работилници за важноста од обуките од автошколите, запознавањето на сообраќајните правила и прописи. Средношколците добија и прирачници за возач почетник со корисни информации за снаоѓање во сообраќајот. - Статистиката кај нас вели дека младите откако ќе земат возачка дозвола мислат дека можат секаде да одат и дека и за нив важат правилата како и за искусните возачи. Сепак им нагласуваме дека за нив важат поинакви закони, кои секако се во интерес првин за нив, а после и за останатите учесници, изјави началничката на отсекот за превенција од СВР Куманово, Виолета Богдановска. Во 2021 година 124 возачи почетници од Куманово биле казнети, дел бидејќи не управувале возило со соодветна категорија, дел возеле по 23 часот без придружник постар од 25 години кој не е возач почетник. За првите шест месеци од годината изречени се 58 санкции за возачите почетници. Но, од друга страна има помлади ученици, основци кои на натпреварите по сообраќајна културна беспрекорно ги познаваат правилата и прописите имаат одлични познавања дури и за Б категорија. Дел од возачите од Куманово, особено женските, ставаат налепници кои укажуваат дека се возачи почетници. И никој од стручните не гледа лошо во тоа, бидејќи на некој начин ги предупредуваат останатите учесници дека треба да се внимателни со нив. Важно е да се научи сообраќајната азбука велат стручните, да се научат знаците, правилата, прописите. Стручните лица препорачуваат и повеќе часови во училишта токму за сообраќајни правила и прописи. Александра Максимовска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан