Во Крива Паланка одржана јавна трибина за вклученоста на лицата со попреченост во јавните политики
- Лицата со попреченост бараат пристап, вработување и комуникација со заедницата. Сѐ уште има физички бариери, недоволна вклученост во креирањето локални политики, ограничени можности за вработување, а најголем проблем се нивната осаменост и затвореност. Ова се главните заклучоци што произлегоа од јавната трибина „Вклученост на лицата со попреченост во заедницата“, што се одржа во Европската куќа House Крива Паланка, во организација на РЦС „Спектар“.
Крива Паланка, 10 ноември 2023, ( МИА) - Лицата со попреченост бараат пристап, вработување и комуникација со заедницата. Сѐ уште има физички бариери, недоволна вклученост во креирањето локални политики, ограничени можности за вработување, а најголем проблем се нивната осаменост и затвореност. Ова се главните заклучоци што произлегоа од јавната трибина „Вклученост на лицата со попреченост во заедницата“, што се одржа во Европската куќа House Крива Паланка, во организација на РЦС „Спектар“.
На трибината присуствуваа лица со попреченост, претставници на локалната самоуправа и јавните институции, стручни тимови и образовни асистенти, невладини организации и граѓански активисти.
РЦС "Спектар" ги презентираше генералните заклучоци и наоди од анализата што покажува дека лицата со попреченост во Крива Паланка сè уште немаат доволно услови и можности за остварување на сите граѓански и политички права, ниту доволно можности активно да учествуваат во јавниот и политичкиот живот во локалната заедница.
-Со исклучок на една кандидатка за советничко место, испитаниците не познаваат ниту едно лице со попреченост кое досега било кандидат за советник, станало советник, или пак, било во управувачки и раководни органи на политичките партии, јавните институции и слично. Дел од лицата без попреченост се уште им „робуваат“ на предрасудите и не се сигурни дали би прифатиле лице со посебни потреби за градоначалник, советник, пратеник. Условите за остварување на избирачкото право, според испитаниците, се само делумно обезбедени, а во стратешките и програмски документи недостасуваат мерки за вклучување на лицата со попреченост во консултативните и одлучувачки процеси на локално ниво, посочи Жаклина Цветковска од РЦС „Спектар“.
Лицата со попреченост, нивните семејства, старатели, но и стручните тимови бараат да се обезбедат лични асистенти, потребни најмногу за комуникација, разговор, заеднички социјални игри, стекнување нови вештини и дружење.
-Мојот син, особено по пандемијата со Ковид-19, е многу осамен. Соседите не се дружат со него, јас и тој сме сами, затворен е дома.. Му недостасува комуникација, му недостасуваат луѓе и би биле благодарни доколку може да му се обезбеди личен асистент, истакна самохрана мајка на лице со попреченост.
Настанот е дел од акцијата „Вклученост на лицата со попреченост во политичкиот и јавниот живот во локалната заедница“, што се реализира во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“ на НВО Инфоцентар, со финансиска поддршка од ЕУ. ид/љм/
Фото: МИА