Во Крива Паланка и Ранковце одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост
- Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги посети корисниците од Дневниот центар за лица со телесна и интелектуална попреченост по повод 3 Декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост и и им врачи подароци од локалната самоуправа.
Крива Паланка, 3 декември 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски ги посети корисниците од Дневниот центар за лица со телесна и интелектуална попреченост по повод 3 Декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост и и им врачи подароци од локалната самоуправа.
-Како дел од програмска мерка за 2025 година, доделување ваучери за набавка на гардероба за лица со попреченост, општината обезбеди нови пакети облека за штитениците, а општинската организација на Црвен крст Крива Паланка, како долгогодишен партнер и соработник на локалната самоуправа, ја спроведе целосната законска постапка за избор на фирма и распределба на ваучерите до корисниците, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.
Градоначалникот организираше и традиционален ручек за корисниците и вработените од Одделението за дневен престој.
-На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, кој во својата суштина повикува на надминување на предрасудите, маргинализацијата и дискриминацијата, искрено сум почестен и секогаш среќен кога сум со овие прекрасни лица, кои се нераскинлив дела од нашата заедница. Тие за мене секогаш се на прво место и во мене имаат вистински другар, поддршка и партнер. За нив, општината и јас како градоначалник, сме секогаш отворени и достапни, за сè што им е потребно, истакна Митовски.
Од општината потенцираат дека со ваквите активности се потврдува континуираната посветеност кон градење инклузивна заедница, каде секој граѓанин има свое заслужено место, внимание и поддршка.
Од ОО Црвен Крст Крива Паланка, како дел од тимот што го посети Дневниот центар за лица со попреченост во соработка со Општина Крива Паланка, укажаа дека денеска се навратиле на почетоците на формирањето на Дневниот центар, неговото отворање реализирано на иницијатива и поддршка на Црвениот крст, како прв центар од ваков вид во државата, иницијатива што и денес остава длабоко позитивно влијание врз многу животи.
- Да се стремиме кон свет каде бариерите исчезнуваат, а човечноста е секогаш на прво место. Секој човек носи своја уникатност, но сите ја споделуваме истата потреба, да бидеме прифатени, почитувани и поддржани, рече Маја Илиевска, в.д.секретар на Црвениот крст Крива Паланка.
И градоначалникот на Ранковце, Даниел Павловски, денеска посети лицата со попреченост од општината.
-Со оваа посета испраќаме јасна порака дека Општина Ранковце нема да ги остави сами овие наши сограѓани. Напротив, стоиме целосно на располагање и ќе продолжиме да даваме поддршка, внимание и грижа секогаш кога е потребно. За време на посетата добив и пригоден подарок од младата и талентирана, Мелани Симоновска, изјави Павловски. ид/рп/
Фото: Општина Крива Паланка, Општина Ранковце