Во Кривичен денеска пресуда за „Тендери“
- Пресудата за случајот „Тендери“ ќе биде објавена денеска во Основниот Кривичен суд Скопје, откако на 26 април се одржаа завршните зборови на одбраната во кои бранителите и обвинетите побараа ослободителна пресуда.
Скопје, 12 мај 2023 (МИА) - Пресудата за случајот „Тендери“ ќе биде објавена денеска во Основниот Кривичен суд Скопје, откако на 26 април се одржаа завршните зборови на одбраната во кои бранителите и обвинетите побараа ослободителна пресуда.
Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска е првообвинета во предметот „Тендери“ во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дел од проектот „Скопје 2014“.
Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
За истото дело се обвинети и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова Цветковска, членови на Комисијата за јавни набавки.
Канческа Милевска на рочиштето на изнесувањето на завршните зборови изјави дека врз основа на целокупниот доказен материјал се докажало дека не го сторила кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
- Не се докажа дека се точни наводите на обвинението дека е сторена повреда на службената положба и овластување, напротив, се докажа дека јавната набавка е однапред планирана и истата е предвидена во годишниот план за јавни набавки за 2011 година во Министерството за култура, рече Канческа Милевска.
Процесот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Стевчо Дончев. ац/лв/
Фото: МИА архива