• вторник, 24 декември 2024

Во Конго се одржуваат претседателски избори

Во Конго се одржуваат претседателски избори

Киншаса, 20 декември 2023 (МИА) - Граѓаните на ДР Конго, втората најнаселена земја во Африка, денеска се повикани да гласаат на претседателските избори, јави ДПА.

Претседателот Феликс Цисекеди, кој беше избран во 2018 година за петгодишен мандат, има големи шанси да биде реизбран, бидејќи опозицијата не може да се обедини околу еден кандидат. Се уште не е јасно кога ќе бидат објавени првите изборни резултати.

Победникот на изборите ќе положи заклетва на 20 јануари. Граѓаните ќе гласаат и за Националното собрание во Киншаса, за членови на покраинските парламенти и локални совети.

Цисекеди во минатото изјави дека сака 100-милионската земја да ја претвори во „африканска Германија“. Цисекеди успеа да ги прошири своите позиции на моќ, но неговите противници го обвинуваат дека не успеал да ја подобри безбедноста во источниот дел на земјата погоден од конфликти.

Неговиот најистакнат противник е Мојсе Катумби, а Денис Муквеге, доктор и добитник на Нобеловата награда за мир, исто така е на гласачкото ливче, но се смета дека нема шанси да победи во трката.

Спроведувањето на изборите е комплицирано и од насилството во источниот дел на земјата, каде владините трупи и милициите со години ја оспоруваат контролата над регионот. Ричард Монкриф од тинк-тенкот „Меѓународната кризна група“ смета дека изборите се придружени со насилство и многу други проблеми. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан