• вторник, 24 декември 2024

Канадска Влада: Профилите на социјалните мрежи на многу политичари беа погодени од кинеска кампања за дезинформации

Канадска Влада: Профилите на социјалните мрежи на многу политичари беа погодени од кинеска кампања за дезинформации

Отава, 24 октомври 2023 (МИА) - Канадската Влада соопшти дека открила кинеска кампања за дезинформации во која ботови шират лажни вести и пропагандни пораки на профилите на социјалните мрежи на многу политичари, вклучително и премиерот Џастин Трудо, објавија британските медиуми.

-Кампањата се одвиваше во август и септември и влијаеше на профилите на десетици пратеници од целиот политички спектар, се вели во соопштението на канадското Министерство за надворешни работи.

Во циркулираните пораки имало обвинувања против пратеници за криминални дела и кршење на етичките норми. Објавени се и тврдења од типот дека шумските пожари на Хаваи биле предизвикани од „климатското оружје“ на американската војска, како и лажни видеа создадени од вештачка интелигенција.

Илјадници коментари со слична содржина се појавија на Фејсбук и на „X“.

-Оваа кампања можеше да ги обесхрабри и отежне пратениците во извршувањето на нивните службени должности. Можеше да ги спречи парламентарците и претставниците на различни дијаспори во Канада да зборуваат за прашања што ги засегаат, соопшти канадското МНР.

Кинеската амбасада во Отава објави соопштение во кое се вели дека Пекинг никогаш не се мешал во внатрешните работи на други земји и дека обвинувањата на канадските власти се „очигледна оцрнувачка кампања“.

-Веќе некое време, канадската страна погрешно ја обвинува Кина за ширење лажни информации насочени против канадски политичари. Во отсуство на директни и значајни докази, обвинувањата на канадските власти сами по себе се лажни информации, додаваат од кинеската амбасада. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан