• вторник, 24 декември 2024

Во Израел тројно зголемена имиграцијата од Русија и од Украина

Во Израел тројно зголемена имиграцијата од Русија и од Украина
Ерусалим, 11 август 2022 (МИА) – Имиграцијата во Израел од Украина и Русија тројно е зголемена по руската инвазија врз Украина, објави израелското Централно биро за статистика. Од 24 февруари, кога почна инвазијата до 31 јули, од Украина во Израел пристигнале 12.175 имигранти, а од Русија 18.891. За пет месеци во Израел вкупно пристигнале 31.000 имигранти, што е за 318 отсто повеќе во споредба со истиот период во 2019 година. Во 2019 годин а во Израел се доселиле 9.774 имигранти односно 2.651 од Украина и 7.123 од Русија. Од вкупниот број на имигранти пристигнати во Израел од Украина во периодот од февруари до јули 74 проценти биле жени на возраст од 18 до 60 години. Според израелското Централното биро за статистика тоа се должи на Законот за воен рок во Украина, кој им забранува на мажите на таа возраст да ја напуштаат земјата за време на војната, освен некои исклучоци. Израел обезбеди дополнителна финансиска помош за имигрантите од Украина од почетокот на март, кога Министерството за имиграција и апсорпција им додели специјален статус на тие кои бегаат од војна. Имигрант кој бега од воена зона има право на еднократна помош од околу 1.800 долари ако е самец, 3.350 долари за двојка и 4.580 долари за семејство. Покрај тоа, Министерството обезбедува 5.800 долари за самец и речиси 11.000 долари за семејство во првите шест месеци по пристигнувањето на секој имигрант во Израел. Месечна помош за изнајмување станови имаат и доселениците од Украина, Русија и Белорусија. ми/

Остани поврзан