• вторник, 24 декември 2024

Во завршна фаза се подготовките за започнување на процесот на чистење на линданот од малата депонија во ОХИС

Во завршна фаза се подготовките за започнување на процесот на чистење на линданот од малата депонија во ОХИС
Скопје, 16 март 2022 (МИА) – Денеска можеме да видиме дека се завршени сите подготвителни активности за овој сложен процес. Расчистен е теренот, обезбедена е и поставена е потребната опрема и механизација околу малата депонија и поставена е и заштитна покривка. Главна цел на овие подготовки е максимална безбедност при отстранувањето на опасните хемикалии складирани повеќе децении во малата депонија во поранешниот индустриски комплекс ОХИС, нагласи премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета на поранешната хемиска фабрика ОХИС. Тој, при денешниот увид на подготовките за чистењето на линадот од малата депонија во ОХИС, рече дека се увериле оти нивната решеност да го отстранат историскиот опасен отпад од нашата земја е реална и макотрпна работа. Тој додаде дека во текот на изминатиот период беа безбедно отстранети и уништени огромни количини на екстремно опасни хемикалии, кои со децении беа складирани во кругот на ОХИС. - Владата обезбеди средства и посвети многу енергија и внимание за решавање на овој проблем кој претставуваше еколошка закана. Во таа насока заедно со ресорното Министерство за животна средина го реализираме проектот отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со линдан во ОХИС. Тоа значи дека решавањето на повеќегодишниот проблем со техничкиот отпад линдан и неговите изомери депониран во кругот на фабриката ОХИС. Со овој проект Република Северна Македонија направи крупни чекори во исполнувањето на обврските кон Стокхолмската конференција на која како држава сме полноправна членка уште од нејзиното донесување во 2001 година, наведе премиерот. Претседателот на Владата истакна дека за реализација на горливиот проблем воспоставиле соработка со меѓународната заедница на полето на управување со неразградливите органски загадувачи. - Реализацијата на вака крупен проект бара континуирано залагање и посветеност, големи финансиски средства и мобилизирање на сите домашни и особено меѓународни ресурси за што изразувам голема благодарност до нашите странски партнери. За чистењето на малата депонија воспоставена е соработка со Владата на Норвешка и со две агенции на ОН, Организацијата за индустриски развој УНИДО и Канцеларијата за проектни услуги УНОПС. Сакам да ја искористам оваа можност и да го истакнам придонесот и на Делегацијата на ЕУ која издвои 2,5 милиони евра од ИПА 3 Програмата конкретно за комплетирање на процесот за ремедијација на малата депонија. Проценетата вредност на чистење и уништување на линданот и останатите изомери од малата депонија во ОХИС изнесува приближно девет милиони евра, потенцираше Ковачевски. Премиерот нагласи дека продолжуваат со нивната одлучност заедно со МЖСПП да ги решаваат и елиминираат наследните еколошки проблеми. Продолжуваме, како што рече, со чистење и на големата депонија во ОХИС, како и изнаоѓање решение за погонот за електролиза контаминиран со жива исто така тука во фабричкиот круг. - Уште еднаш сакам да изразам благодарност до нашите партнери, Глобалниот еколошки фонд на повеќе партнерскиот фонд за животна средина на Владата на Кралството Норвешка, на Европската комисија, УНИДО и УНОПС за помошта и заложбата да решиме еден голем еколошки проблем кој со години беше запоставен. Исто така посебно и особено да им се заблагодарам на сите коишто ќе работат на овој проект. Тоа се инженери од РСМ, од странство коишто се опремени веќе со целата потребна опрема за нивна најдобра заштита и коишто практично ќе работат на чистењето на линданот од малата депонија, а потоа ќе продолжиме и со проектирање на чистење и на големата депонија во идниот период, заклучи Ковачевски. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изрази задоволство што денеска е извршен увид на локацијата на малата депонија во ОХИС каде може да се види дека завршуваат подготвителните работи за започнување со отстранување со висококонтаминираниот материјал како линданот и другите опасни супстаниции. - Факт е дека беше потребно повеќе време од планираното за поставување на шаторот и претходни дополнителни активности за да се започне со ископот со што верувам дека самиот изведувач може подобро да објасни од нивната работа на терен. Но, она што е важно е дека сите дополнителни работи и одложувања беа со цел да се избегне какво било разнесување на опасниот материјал кој ќе се ископува од малата депонија да се заштити околината и населението кое гравитира во поширокиот реон на околината. Во оваа фаза приоритет беше безбедноста со оглед на тоа дека се работи за историски отпад што бараше повнимателен пристап и прилагодување на состојбите на теренот кои не можеа да се предвидат. Сега следува следната фаза со што ќе се започне ремедијацијата на една од најголемите жешки точки на територијата во нашата земја која е за жал на оваа локации со декади, истакна Нуредини. Министерот упати благодароност до ЕУ, Кралството Норвешка, УНИДО и УНОПС, како и на Владата која учествуваше со свои средства за тоа што, како што рече,  со оваа соработка успеавме да го започнеме патот кон целосна елиминација на историскиот отпад. - Ние ќе продолжиме со отстранувањето на историскиот опасен отпад, продолжуваме да работиме на мобилизирање на дополнителни средства како би се овозможило целосно чистење и на големата депонија тука во ОХИС, истакна Ниредини. Министерот потсети дека на овој процес на ремедијација му претходеше еден комплексен, но истовремено успешен проект за отстранување на заостанатите залихи на опасни хемикалии што со децении беа собирани и складирани во кругот на ОХИС. За тој проект беа одвоени значителни средства од страна на Владата. - Но, исто така, како Министерство уште пред две години предложивме и доставивме до Собранието дополнување на Законот за животна средина со цел идентификација – донесување на методологија за реализација и воспоставување на финансиски механизми за обезбедување средства за санација за сите останати историски жешки точки во државата. Овој закон конечно е на второ читање во Собранието и се надевам дека ќе ја добие поддршката од пратениците за да можеме да се погрижиме и за останатите вакви локации. Посакувам успех на изведувачот и исполнување на поставените рокови каде главен приоритет ќе биде безбедноста и заштитата на животната средина, потенцираше Нуредини. Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата Дејвид Гир изрази задоволство што имале можност да дадат свој придонес во износ од 2,5 милиони евра. - Значи, ова е само еден пример од многуте проекти коишто ги поддржува ЕУ и коишто се поврзани со заштита на животната средина од деградација. Овде се справуваме со опасен отпад којшто предизвикува загадување на почвата. Исто така, обезбедуваме поддршка и во останатите делови од земјата пред се во однос на системите за управување со цврст отпад, пречистителни станици за отпадни води и за справување на проблемите со загадувањето на воздухот. И секако ги поддржуваме сите напори за изнаоѓање на нови начини за користење на обновлива енергија, нагласи Гир. Тој додаде дека сите земји во ЕУ исто така се соочуваат со голем инфлациски притисок којшто беше предизвикан од појавата на пандемијата со КОВИД -19, меѓутоа, како што наведе Гир, овој притисок уште повеќе се влоши со кризата во Украина. - Меѓутоа, останува од исклучителна важност нашата одлучност да продолжиме да се занимаваме со најголемиот проблем на денешницата тоа се климатските промени, деградација на животната средина и колапсот на биодиверзитетот. Значи, одговорот на ЕУ на сите овие предизвици е дефиниран во Иницијативата на ЕУ Грин ЕУ и навистина ми претставува чест што сум овде за да можам да бидам дел од еден практичен напор на државата да ги реши сите проблеми коишто се поврзани со уништувањето на животната средина, заклучи тој. На новинарско прашање кога ќе почне да се чисти линданот и кои се крајните рокови за негово отстранување, премиерот Ковачевски одговори дека во моментов е поставена опремата со која што треба да почне да се прави ископувањето на земјата во која што се состои линданот. - Направено е со опрема од странство, од изведувачот на работите. Со специјални шини ќе биде пренесена до специјални контејнери и потоа ќе биде однесена во странство во Франција и во Холандија каде што постојат индустриски постројки коишто го преработуваат и линданот, меѓутоа подоцна и земјата која што останува и која што подоцна се користи. Подготовките се сега завршени. Мислам дека идната недела започнуваат со ископување, рече Ковачевски. Тој додаде дека според проектот којшто го имаат ќе трае ископувањето и ќе се работи во пет лота на изнесување на земјата која што ќе биде транспортирана надвор од државата и откако тоа ќе заврши, како што наведе, веќе МЖСПП работи на воспоставување на проект и на негово финансирање за големата депонија, бидејќи големата депонија е 10 пати поголема од оваа која што сега почнува чистењето и потоа ќе се работи на нов проект, а тоа е за чистење на погонот за електролиза којшто е полн со жива, која што е уште повеќе опасна. - Меѓутоа, со јасен план и со посветеност и ако биде работата извршувана ефикасно како досега, вие гледате дека се е поставено, сметам дека во наредниот период конечно овој опасен дел за Скопје и за државата ќе биде конечно исчистен бидејќи оваа депонија тука се наоѓа од 1975 година, истакна Ковачевски. Тој во однос на тоа колку ќе чини целосното чистење на ОХИС, наведе дека се работи за правење на проект и за големата депонија и за погонот за жива, дури, како што додаде, има и една депонија која што се наоѓа надвор од овој фабрички круг која што треба исто така да се деконтаминира и да се ревитализира тоа земјиште. - Вие секогаш можете да пристапите до МЖСПП каде што ќе можете не само да се информирате, меѓутоа и со своето знаење да придонесете во оформувањето на проектите. Дали тоа може да се направи се како еден проект не зависи само од МЖСПП, зависи нормално и од странските партнери, прво во делот на финансирањето, второ во делот на проектниот менаџмент и трето, во делот на обезбедување на партнери коишто ќе ја преземат таа земја тука контаминирана за да може да ја преработат, да го отстранат линданот и земјата потоа пак низ уште еден процес да биде вратена во состојба да може да се користи на друго место, секако во странство, наведе премиерот. см/ац/

Остани поврзан