• среда, 27 ноември 2024

Во денешната официјална програма на Мицотакис во Вашингтон не е предвидена средба со Мицкоски

Во денешната официјална програма на Мицотакис во Вашингтон не е предвидена средба со Мицкоски

Атина, 10 јули 2024 (МИА) – Во официјалната програма на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за денешните негови активности во Вашингтон на НАТО Самитот, не е предвидена средба со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, јави дописничката на МИА од Атина. 

Како што соопштија од кабинетот на грчкиот премиер, во 11.30 часот по локално време, Мицотакис ќе даде интервју за поранешната заменик-советничка за национална безбедност на САД Надја Сендлоу во рамките на NATO Public Forum, потоа ќе учествува на Самитот, во продолжение ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додека пак во 19:30 часот по локално време ќе присуствува на вечерата во чест на лидерите кои учествуваат на Самитот, во организација на американскиот претседател Џо Бајден и првата дама на САД.

Иако билатерална средба на двајцата премиери не е (официјално) предвидена, сепак Мицкоски и Мицотакис ќе присуствуваат на исти настани: на состанокот на НАТО и на вечерата во Белата куќа.

Грчкиот премиер за време на вчерашната дискусија со поранешниот амбасадор на САД во Грција Даниел Спекхард во организација на американската тинк-танк Council on Foreign Relations, говореше и за грчко-турските односи, кои ги карактеризираше како подобрени во последната една и пол година, како и за нашата земја, повторувајќи ги позициите на официјална Атина во однос на Договорот од Преспа и порачувајќи дека „најфундаменталниот аспект е името Северна Македонија кое мора да се користи и во внатрешноста и надвор“

Како што синоќа објави МИА, Мицотакис посочи дека „Северна Македонија сега е земја-членка на НАТО бидејќи Грција го тргна ветото по Договорот од Преспа“, објаснувајќи дека е Договор потпишан од претходната Влада, но го почитува бидејќи е „меѓународен договор што ја обврзува земјата“ и додаде дека употребата на името ерга омнес е нешто за што „Грција не преговара“.

-Кога слушам дека новата Влада на Северна Македонија во внатрешноста на земјата се нарекува Република Македонија, тогаш сериозно сум загрижен и секако тоа е прашање што сакам да го ποкренам, не е конструктивно, не помага на европскиот пат на Северна Македонија, би рекол дека тоа е непотребна компликација во време кога сите би требало да бараат точки на конвергенција, рече Мицотакис. ср/ац/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан