Во Делчево почнаа активности од третиот циклус во рамки на проектот „Суперучилишта“
- Во гимназијата „Методи Митевски - Брицо“ во Делчево денеска почнаа активности од третиот циклус во рамки на проектот „Суперучилишта“, во кој учествуваат заедно со партнерското училиште „Средња стручна школа“ од Пирот, Р.Србија.
Делчево, 27 јануари 2025 (МИА) - Во гимназијата „Методи Митевски - Брицо“ во Делчево денеска почнаа активности од третиот циклус во рамки на проектот „Суперучилишта“, во кој учествуваат заедно со партнерското училиште „Средња стручна школа“ од Пирот, Р.Србија.
Овие две училишта се единствените кои по трет пат се дел од RYCO програмата за училишна размена во Западен Балкан, што има за цел да го поддржи процесот на градење на мир и помирување и интеркултурно учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници.
Директорката на установата Дијана Цонева, пред присутните ученици од Делчево и Пирот истакна дека е огромно задоволство по трет пат да се биде дел од иницијативата, која нуди вистински можности за градење мостови на училишта од различни средини.
- Сите знаеме дека образованието, не се стекнува само во училишта, туку вистинското знаење се стекнува преку партнерства и соработка и размена на идеи како нешто кое создава трајна врска помеѓу учениците и професорите. Горди сме што нашето училиште повторно е дел од проектот кој покрај иновативноста, го негува и духот на заедништвото и на културната соработка. Верувам во Вас и верувам дека во текот на оваа работна недела како ученици ќе стекнете драгоцени искуства и ќе понесете спомени за целиот живот. Ви посакувам успешен почеток и продуктивна соработка и се надевам дека ќе ја оправдаме улогата на Супер училишта, истакна Цонева.
Фокусот на активностите од овој циклус на „Суперучилишта“, како што додаде Душица Голубовиќ од Средното стручно училиште од Пирот, Р.Србија, годинава е на надминување на предрасудите и зголемување на самодовербата кај учениците.
- Како единствено училиште на Западен Балкан кое е препознаено како доволно вредно, трипати последователно да биде финансирано од самата организација, ние сме многи благодарни и среќна сум за тоа. Мислам дека тоа е таа љубов и тајна состојка која ја имамекон Ryco темите и работилниците кои ги правиме. Во меѓувреме толку го засакавме Делчево, училиштето и и градот, да тоа дополнително ни дава стимул да работиме понатаму. Фокусот годинава пак е на надминување на предрасудите на јакнување на самодовербата на децата, со тоа то ќе имаме повеќе литература, книжевност, екологија и една нова содржина спорт за развој и затоа едвај чекам да видам нивната реакција на новините како сето тоа ќе се одвива, додаде Голубовиќ.
Свое обраќање имаше и координаторот на проектот Желеанка Демирова, која по формалните активности за запознавање на учесниците најави повеќе активности за време на работната недела.
Како учесник во проектот за Лара Гоцевска од училиштето домаќин, изјави дека е задоволство што за прв пат учествува во ваков проект, потенцирајки дека за неа е важно што има можност да стекне нови пријателстава и да научи нови работи кои ќе и послужат служат не само во училиштето, туку и во текот на животот.
- Денес ни е прв ден како ќе бидеме заедно целиот тим, имаме игри посета на црквата и џамијата, ручек и уште многу игри, рече Гоцевска.
Прв пат во овој проект учествува и младиот Матеја Перовиќ од училиштето во Пирот.
-Ова ми е прва година во проектот, очекувам да запознаам нови пријатели и нова култура и да научам нешто ново. Градот е мал но убав и пијатно е не многу гласно како во поголемите градови, додаде Перовиќ.
Програмата RYCO (Superschools) е дел од мултидонаторскиот проект кофинансиран од Европската унија и германското Сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементиран од страна на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ), заедно со Регионалната канцеларија за соработка на младите (RYCO). вс/цр
Фото: МИА