• вторник, 26 ноември 2024

Во Грција ќе се отворат дополнителни центри за вакцинација против мпокс

Во Грција ќе се отворат дополнителни центри за вакцинација против мпокс

Атина, 16 август 2024 (МИА) – Дополнителни пет центри за вакцинација против мпокс во различни делови на Грција ќе бидат отворени во следниот период, покрај оние што веќе постојат во две атински болници, а вакцинацијата започна на 22 јули годинава, соопштија од Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Објаснија дека вакцинацијата е наменета за високоризични групи, засега се врши во Атина, а „во следниот период ќе работат уште пет центри за вакцинација во Солун, Александруполи, Крит, Патра и Атина“.

Истакнаа дека во моментов се проценува дека е низок ризикот за пренесување на болеста во Грција, додека пак алтернативната министерка за здравство Ирини Агапидаки рече дека од првиот момент, Националната организација за јавно здравје го имплементира планот за превенција и рано откривање на случаите што евентуално би се појавиле во земјата“.

-Не постои зголемена загриженост за општата популација, туку за високоризичните групи за кои веќе се препорачуваат конкретни мерки за заштита. Ги зголемуваме центрите за вакцинација, додека веќе назначивме конкретни референтни центри и имаме доволно лекови и вакцини за да одговориме на овој нов предизвик за јавното здравје, рече Агапидаки.

Од ЕОДИ, на граѓаните кои планираат да патуваат во земјите во кои се потврдени случаи на мпокс им препорачуваат засилени мерки на претпазливост, односно избегнување контакти со потенцијално заразени лица, со диви животни, со контаминирани површини и предмети што ги користат пациентите или оние кои биле во контакт со диви животни, но и да избегнуваат консумирање или подготовка на месо од диви животни, како и употреба на производи од диви животни.ср/ссм/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан