Во Велес тркалезна маса „Поврзување на локалните и националните институции во креирање на родово сензитивни и инклузивни антикорупциски политики“
- Во Европската куќа на млади во Велес денеска се одржа тркалезна маса на тема „Поврзување на локалните и националните институции во креирање на родово сензитивни и инклузивни антикорупциски политики“.

Велес, 15 јули 2025 (МИА) – Во Европската куќа на млади во Велес денеска се одржа тркалезна маса на тема „Поврзување на локалните и националните институции во креирање на родово сензитивни и инклузивни антикорупциски политики“. На неа се зборуваше за тоа зошто се важни локалните стратешки документи во борбата против корупција, за политичките партии и локалната корупција колку има затворени структури, предизвици за транспарентност и родова еднаквост како и за предизвиците на жените на локално ниво во пристапот до ресурси, информации и одлучувања како предуслов за развој на правични анти корипциски политики.
Во дискусијата беа вклучени Мирјана Трајкова претседателка на Организација на жени од Општина Велес, Оливера Ефтимовска претседателка на националната мрежа „Жените за жените“, проф. д-р Зорица В. Силјановска професорка на Факултетот за правни и политички науки на АУЕ - ФОН, доц. д-р Гордан Георгиев политиколог и м-р Љупка Трајановска консултантка за родови прашања.
Оливера Ефтимовска претседателка на националната мрежа „Жените за жените“ информира дека целта на проектот е да се интегрира родовата перспектива во националните и локалните стратегии за спречување и борба против корупцијата.
Претседателката на организација на жени на Општина Велес, Мирјана Трајкова за проектот информира дека по повеќе од 30 години работа со жените во Велес, може со сигурност да каже дека корупциата е дел од секојдневието на локалните жени, но за жал луѓето тоа ретко го препознаваат.
-Тоа се гледа кога не можат навреме да добијат здравствена услуга, кога институциите молчат наместо да помогнат и кога жените се плашат да прозборат за неправдите што ги трпат.Токму затоа овој проект е важен, потенцира Трајкова
Таа од тркалезната маса порача дека е време искуствата на жените да ги извадиме од сенка и да ги ставиме во центарот на борбата против корупцијата.
Политикологот доц. д-р Гордан Георгиев зборуваше за политичките партии како затворени структури и за нивната улога во одржувањето на непрозрачни и нееднакви системи. Тој потенцираше дека постојат сериозни предизвици во транспарентноста и родовата еднаквост токму поради ваквата затвореност, што пак создава услови за одржување на локална корупција.ад/
Фото: МИА