• петок, 23 август 2024

Во Велес отворена монументалната изложба „Портретното сликарство на Ѓорѓи Зографски“

Во Велес отворена монументалната изложба „Портретното сликарство на Ѓорѓи Зографски“

Велес, 20  декември 2023 (МИА) - Во просториите на Народниот музеј во Велес попладнево беше отворена изложбата „Портретното сликарство на Ѓорѓи Зографски“ во организација на Народниот музеј и во соработка со Општина Велес, а во рамките на одбележување на 78 години од неговата смрт.

-На изложбата се претставени девет од над 30 негови портрети кои се познати, иако авторот изработил над 40-тина портрети информира  Елица Николова историчар на уметноста од Народниот музеј која јанподготви и која се обрати до присутните. 

Последниот голем македонскиот зограф и меѓу првите профани сликари Ѓорѓи Зографски (1871-1945), е и последниот потомок од познатиот Рензовско-Зографски род, од Папрадиште, кој се занимавал со уметничка дејност. Во своето творештво покрај зографскиот занает го практикувал и профаното сликарство, скоро истовремено со првиот представник на профаното сликарство во Македонија неговиот современик, Димитрија Андонов Папрадишки, со кого извршиле значаен пресврт во македонското сликарство во преродбенскиот период, кога од религиозни теми изработени во духот на локалното византиско и поствизантиско сликарство, за потребите на младиот македонски граѓански слој почнале да обработуваат и световни теми, информира Николова.

Од најраното детство Зографски почнал да го придружува својот татко Јаков на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает. Неговиот татко бил мајстор-градител, копаничар и живописец од кого синот доста научил. Основно училиште завршил во Велес, а потоа со помош на рускиот конзул Иван Јастребов, како талентиран ученик во 1887 г. десет месеци учел сликарство во Москва и Петроград. Престојот во Русија е од пресудно значење за неговиот живот и творештво, како и повремениот престој во Софија и неколку градови во Србија, каде паѓа под влијание на академски образованите сликари, школувани во академиите во Западна Европа.

-Професионална определба на Зографски кон иконописот и фреско сликарството, реализирано во голем број цркви во Македонија и Србија, а најмногу во црквите во Велес и околните села, не го доведува во прашање неговото место во македонската уметност како сликар. Спонтано ги прифатил новите ликовни струења во уметноста од втората половина на XIX век, го збогатил својот ликовен репертоар со нови ликовни идеи, потенцира Николова.

Таа информира дека Ѓорѓи Зографски напоредно со неговата активност како зограф насликал и значителен број на слики со профана содржина, историски сцени, пејсажи, мртви природи, меѓу кои и над 40- тина портрети, од кои 30 се веќе познати.

-Зографски е несомнено фигуративен сликар, сликар на човечкиот лик, со реалистички пристап. Во првата фаза воглавном сликал портрети на црковни достоинственици, свештеници, негови пријатели и познаници и негови блиски личности, додека во втората фаза насликал портрети на поголем број познати личности, благодарение на се понагласениот интерес на видните еснафи во занаетчиството и трговците, и негови пријатели од Велес кои материјално добро стојат, да се овековечат. Портретите најчесто ги работел по фотографија, фотографирајќи ги најпрво моделите во своето атеље, но фотографијата е само појдовно средство на инспирација. Без посебен труд да се проникне во психолошката карактеризација на личноста, Зографски водел сметка да ги представи своите мецени што подостоинствено, а ликовите што пореалистично. Ликовната обработка на портретите сеуште ги носи одликите на црковното сликарство, како стегнатост на фигурите, едноставното организирање на композицијата, рамното нанесување на бојата, потенцира Николова.

Свое обраќање за делата на Зографски до присутните имаше и Ангел Коруновски директор на Народниот Музеј од Велес.

Програмата беше збогатена со настапот на Камелија Дукова Зефиќ,со „Песна“ за виолина соло оп 101 од Томислав Зографски.Инаку Камелија Дукова Зефиќ  е добитник на наградата Гран при за 2018 година од Фондацијата „Томислав Зографски“. ад/

 

 

 

 

Остани поврзан