• четврток, 07 ноември 2024

Во Велес отворена изложбата „Визуелни таписерии“ на Славица Купенкова

Во Велес отворена изложбата „Визуелни таписерии“ на Славица Купенкова

Велес,1 ноември 2024 (МИА) - Во Европската куќа на млади во Велес попладнево е отворена првата самостојна ликовната изложба „Визуелни таписерии“ на Славица Купенкова. На изложбата се претставени 50 - тина  нејзини слики изработени во традиционална техника, цртежи со јаглен, акрилни цртежи на платно.

Купенкова, која доаѓа од Свети Николе, а живее и твори во Скопје, е позната по нејзините стрип цртежи, а пред велешани досега изложувала како учесник во повеќе групни изложби.

Како што појасни авторката Купенкова за МИА, во цртежите со јаглен се претставени портрети и актови, каде главна инспирација е жената нејзината сила и моќ и нејзината безусловна љубов.

Изложбата содржи и дигитални цртежи: портрети, постери и стрип.

-Сакав да бидат застапенин различен видови уметност за да задоволи различни вкусови. Младите повеќе ја сакаат дигиталната уметност меѓутоа и традиционалната е голем дел од мене. Јас започнав со традиционана уметност која ја негувам и сметам дека не треба целосно да се дигитализираме туку да ја негуваме инспирацијата што доаѓа од првичниот потег на раката. Компјутерите да  не’ не заменат, туку да си останеме и автентични во стилот. На тоа што треба повеќе желба, повеќе напор, време, порача Купенкова.

Таа додава дека во „Визуелни таписерии“, секое уметничко дело е единствена нишка во поголема наративност, што ја одразува повеќеслојната природа на урбаните средини. Од раздвижените улици до спокојните агли, парчињата ја истакнуваат убавината и сложеноста на градскиот живот, поканувајќи ги гледачите да застанат и да се вклучат во околината на нови начини. Преку употреба на смели бои, сложени дизајни и модерни техники, оваа изложба нуди визуелно искуство што резонира кај публиката од сите возрасти.

Инаку оваа нејзина прва самостојна изложба, прв пат беше презентирана во Скопје на 5 октомври, во рамките на „Бела Ноќ“, а во Велес е збогатено и со други дела.

Славица Купенкова е стрип цртач, автор и илустратор на детски книги и списанија. Цртежот и илустрацијата отсекогаш биле присутни во нејзиниот живот. Почнала да илустрира од 2020 година и решила да се занимава со својата новооткриена страст. Во 2021 - ја објавува збирката поезија „Волшебни тркала“ како автор и илустратор.

Во 2022 година е карикатурист на каталог на стрипови како дел од грантот - За нашите соседи и пријатели, а член е и на жири комисијата по повод конкурсот објавен од Стрип Центарот на Македонија во Велес.

На 18. Меѓународен салон на стрип „Велес 2021“, како дел од проектот „Can for Balkans“, Купенкова е добитник на наградата - Најдобар дебитантски стрип за стрипот „Училишни авантури на Јан“ каде се јавува како целосен автор - карикатурист по свое сценарио додека во 2022 година доби специјално признание од италијанскиот амбасадор по повод манифестацијата „Денови на италијанскиот стрип“ за изработка на плакат. Меѓу другото, Купенкова е добитник и на едно од петте специјални признанија доделени од меѓународното жири за стрипот „Одисеја“. ад/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан