• вторник, 24 декември 2024

Во борбата против тортурата и нехуманиот третман, препораките од година в година се исти (ДПЛ)

Во борбата против тортурата и нехуманиот третман, препораките од година в година се исти (ДПЛ)

Скопје 22 јануари 2023 (МИА) – Единствениот прогрес во борбата против тортурата и нехуманиот третман е во однос на стратегиите и документацијата, односно насоките што треба да се преземат од страна на државата, имплементацијата останува слабост и неопходни се дополнителни напори, особено финансиски, за да може осудените лица да издржуваат затворска казна во соодветни услови. Ова се дел од заклучоците кои поризлегоа од завршниот настан на проектот „Борба против тортура и нехуман третман“ што го спроведуваат Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници.

На настанот денеска беа промовирани извештаите за состојбите и условите во Казнено-поправните установи и психијатриските болници и установи за социјална заштита во 2023 година, како и извештајот за реформите во пенитрецијарниот систем во Република Северна Македонија.

Во периодот од мај до јуни 2023 година биле спроведени четири последователни посети во КПД Идризово, КПД Штип, КПД Прилеп и затвор Куманово при што било забележано дека, и покрај многуте заложби од страна на државата, на меѓународните и домашните организации за подобрување на условите во казнено-поправните установи, системските недостатоци сѐ уште постојат. 

Според извештајот, недостига соодветна меѓусекторска соработка меѓу надлежните институции, која е клучна за решавање на проблемите со кои се соочуваат лицата лишени од слобода во овие установи и токму поради тоа казнено-поправните домови и потфрлаат во исполнувањето на своите законски обврски за надминување на проблемите што долго време се провлекуваат и оневозможуваат осудените лица да ги уживаат своите права и соодветно да се ресоцијализираат.

Осудените лица немаат соодветен пристап до здравствена заштита, ниту соодветни материјални услови за живеење, а програмите за ресоцијализација, условите за нивно имплементирање и постпеналната помош се сѐ уште недоволни и неприменливи. 

Истовремено, во овој период е забележано зголемено незадоволство на припадниците на затворската полиција, кои укажале дека им е нарушена безбедноста и дека се соочуваат со сериозен проблем поради зголемениот број притисоци и закани кон нив лично, но и кон нивните семејства и блиски.

Корупцијата и понатаму претставува сериозен проблем во установите, а како позитивна пракса може да се забележи дека во некои казнено-поправни установи се прават напори за воспоставување мерки и активности за ресоцијализација, вокациски активности, како и зголемено работно ангажирање на осудените лица. 

Пренатрупаноста, особена во КПД Идризово, каде што се наоѓаат најголем број осудени лица од кои повеќето се со безбедносен ризик, останува алармантен проблем. 

Од наодите во Извештајот за состојбите и условите во психијатриските болници и установи за социјална заштита кој ги опфаќаа психијатриските болници во Скопје, Негорци и Демир Хисар, како и Специјалниот завод Демир Капија, произлегува дека во некои психијатриски одделенија тоалетите, бањите и хигиената била на многу ниско ниво, некои пациенти немале можност да излегуваат надвор на воздух со недели, па дури и со месеци. 

Кадровската состојба била незадоволителна, немало доволен психо-социјален третман, механичко ограничување се правело и со метални синџири, без постојан надзор и пред очите на другите пациенти. Многу „доброволно задржани пациенти“ биле лишени од слобода, без да има корист од заштитните мерки предвидени со законот за недоброволно задржани пациенти, а судот не носел одлука дури и со месеци за присилно сместените пациенти, а со години не е извршуван ни годишен преглед на форензичките пациенти од страна на судии.

Значајна забелешка е тоа дека релевантното законодавство за ментално здравје не предвидува никаква постапка за присилно лекување на психијатриски пациенти, а во пракса често не се правело разлика меѓу недоброволното сместување и недоброволното лекување на пациент.

При истата посета, а во врска со Специјалниот завод за лица со пречки во интелектуалниот развој во Демир Капија, Комитетот покажува загриженост за материјалните услови на одделенијата за лицата со најтешки интелектуални пречки и за неможноста да излезат на кое со месеци, а стоматолошката грижа ја процениле како  речиси непостоечка. Исто така, Комитетот препорачал релевантните органи да ги зајакнат законските заштитни мерам давајќи им на корисниците ефективно право да поведат постапка за да имаат законитост за нивното сместување. 

Според Уранија Пировска од Хелсиншки комитет проблемите во пенетерцијалниот систем и после 30 години остануваат исти, а за да се решат, треба да постои политичка волја и да се вложуваат средства.

-  Не може Владата на РСМ да се потпира само на помошта што ја добива од различни меѓународни организации или од активностите кои што ние граѓанските организации ги спроведуваме и да се каже дека – да, се прават напори за да се обезбеди соодветен пристап кон осудениците. Јас секогаш потенцирам дека главната вина не е ниту во оние коишто раководат со КПУ, ниту со Управата за извршување на санкции. Се работи исклучително за одговорност на државата. Тоа што затвореници сѐ уште во некои затвори живеат, престојуваат во супстандардни услови е резултат на негрижата на државата, смета таа. 

Александра Цветановска од Македонско здружение на млади правници, исто така, дополнува дека државата треба да преземе активни мерки за да овозможи услови соодветни за издржување на затворската казна и пристап до здравствената заштита.

 - Затоа што вие кога имате лица кои се во затворите, а коишто немаат соодветен пристап до здравствена заштита тука апсолутно имате нееднаков третман и дискриминација, нешто што мора да се искорени. Ние со нашето присуство дававме директна правна помош, ги следевме условите какви се, дававме и психијатриски услуги во однос на лицата коишто имаа потреба од ваква помош и јас сметам дека треба нашите наоди да се земаат сериозно и да се опфатат во однос на идни стратегии коишто ќе ги прави државата во однос на овие установи, рече таа.  

Во врска со Извештајот за реформите во пенитенцијарниот систем во Република Северна Македонија, Хелсиншки и МЗМП, препорачуваат продолжување на проектите за изградба на нови капацитети, намалување на стапката на осудени лица, целосно искористување на можностите што ги нуди пробацијата, зголемување на бројот на вработени во секторите за ресоцијализација во КПУ, работно ангажирање на осудените лица, активна и целосна вклученост на Министерството за образование, соодветна здравствена заштита, зголемување на бројот на припадници на затворска полиција и соодветно санкцинирање кога ќе постапат надвор од своите овластувања како и професионализација на затворскиот персонал. ар/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан