• сабота, 20 јули 2024

Во Берово презентирани резултатите од проектот „Заштита на жителите од една планина долж две реки“

Во Берово презентирани резултатите од проектот „Заштита на жителите од една планина долж две реки“
Берово, 2 јули 2021 (МИА) - Во Берово на завршната прес-конференција презентирани беа резултатите од проектот „Заштита на жителите од една планина долж две реки”, што општините Берово и Струмјани во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија го реализираа со финансиска поддршка од ЕУ.
Упатувајки благодарност до општинската администрација за ангажманот и успешно реализираните активности, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски информираше дека како дел од проектот, во Берово е реконструиран Кејот на река Брегалница.
-Овој проект во повеќе наврати е утврден како приоритет од граѓаните, за конечно да стане реалност.  Реконструкцијата на Кејот на река Брегалница како дел од овој проект се одвиваше од мостот кај хотел Македонија, до мостот на спој со улицата „Велко Влаховиќ”, како и улица „7”. Со тоа, на задоволство на граѓаните, општината доби нов урбан лик, како и ново урбано катче за одмор и рекреација, рече Пекевски.
По истиот повик од прекугранична соработка, најавена е реализација на уште еден проект, преку кој како што додаде Пекевски, ќе биде извршена набавка на специјално возило за справување со природни катастрофи, со модул за гаснење на шумски пожари, како и модул за справување со снежни наноси.
Градоначалникот на општина Струмјани, Р. Бугарија, Емил Илиев ја нагласи успешната соработка меѓу двете општини.
-Двете општини ги уредија речните корита на река Брегалница и Цапарева Река и создадоа нови рекреативни зони за своите жители и услови за спасување од поплави. Соработката продолжува и понатаму, рече Илиев и најави дека преку новиот повик за финансирање на проекти од прекугранична соработка конечно ќе продолжат инфраструктурните активности за отворање на граничниот премин Клепало.
На настанот му претходеше дводневна обука на тема „Подигање на свеста за превенција од природни катастрофи“ со учество на претставници од двете општини. По одржувањето на завршниот настан, Пекевски и Илиев го посетија новореконструираниот Кејот на река Брегалница во Берово.вс/бт/

Остани поврзан