• петок, 15 ноември 2024

Во Берово почна 44. МАКИНОВА 2023 и 21. ЕКОНОВА 2023

Во Берово почна 44. МАКИНОВА 2023 и 21. ЕКОНОВА 2023

Берово, 10 ноември 2023 (МИА) - Во  организација на Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички достигнувања на Македонија СПАТУМ и Народна техника на Македонија во Берово отворена e Меѓународната изложба за иновации и пронајдоци, 44-тата по ред МАКИНОВА 2023 и 21-вата ЕКОНОВА 2023. Голем број млади лица денес ги презентираат нивите креативни производи, користејќи нови технологи,  нови производи, технички унапредувања, индустриски дизајн, трговски марки и младинско-истражувачко и креативно творештво. 

Настанот за отворен го прогласи вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, која истакнувајќи ја важноста на оваа манифестација рече дека технологијата темелно го менува светот во кој живееме, а иновациите и креативните идеи играат витална улога во обликувањето на сегашноста отворојќи спектар за нови можности за иднината.

-Со изложба како денешната им оддаваме признание на иноваторите, на мислечките и креативните луѓе, кои и денеска ќе ни се претстават со своите пронајдоци, патенти, дизајни и нови технологии. Токму благодарение на вакви луѓе светот движи напред, благодарение на вакви луѓе ги користиме технологиите кои што денеска ни се на располагање, рече Грковска.

Иновациите и новите креативни идеи со кои се води сметка за одржливата животна средина и кои се мотор на одржливиот развој, како што додаде, мора да бидат вреднувани и поддржувани од системот, од образовните и научните институции и од целото општество. 

-Во тој поглед и покрај системска поддршка за развој на ваквите проекти, особено е важно поврзувањето на пронаоѓачите со економскиот сектор, затоа што инвестирањето во одржливост  води кон создавање на работни места, заштеда на средства и енергија, а со тоа и јакнење на нашата национална економија и конкурентност. Се надевам дека можноста која ја дава оваа манифестација за поврзување со бизнис секторот и потенцијални инвеститори што ќе резултира и со конкретни вложувањата за остварување комерцијален пласман на решенијата кои се презентираат овде во Берово, рече таа.

Градоначалникот Пекевски на учесниците им посака добри резултати и уште поголем успех во иднина. 

-Берово отсекогаш имало натпреварувачи кои освојувале награди, кои понатаму широко им ги оторале патиштата. Посакувам убавв престој, дружба и забава и постигнување на заслужен успех, со кој понатаму ќе се гордееме, рече Пекевски.

Присутните ги поздрави и проф.д-р. Љубица Каракашова, претседателка на Организационен одбор на СПАТУМ, која ги нагласи природните убавини на Берово и истакна дека Берово заслужено се носи со епитетот еколошки бисер. 

Во рамки на настанот беа изложени повеќе штандови со иновативни решенија, пронајдоци и патенти, а манифестацијата продолжува и утре, кога ќе следува и прогласувањето на најдобрите. вс/


Фото: МИА

Остани поврзан