• вторник, 24 декември 2024

Вонредна состојба на Хаити: Банди упаднаа во затвор, ослободија 4.000 затвореници

Вонредна состојба на Хаити: Банди упаднаа во затвор, ослободија 4.000 затвореници

Порт-о-Пренс, 4 март 2024 (МИА) - Хаити прогласи 72-часовна вонредна состојба и воведе полициски час, а владата најави дека ќе започне потрага по убијци, киднапери и други насилни криминалци за кои верува дека избегале од затвор откако бандите ги ослободиле речиси сите машки затвореници, јави утрово Би-Би-Си.

Вооружени банди упаднаа во затвор во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс и ослободија голем број затвореници. Повеќето од околу 4.000 мажи затворени во главниот град побегнаа, изјави локален новинар за Би-Би-Си Њуз. Меѓу затворениците имало и членови на бандата обвинета за убиство на претседателот Жовенел Мојзе во 2021 година.

„На полицијата и е наредено да ги искористи сите средства што ѝ се на располагање за да го спроведе полицискиот час и да ги уапси сите прекршители“, рече министерот за финансии Патрик Бовавер, кој ја извршува функцијата премиер.

Насилството во Хаити, најсиромашната земја во Америка, ескалираше во последниве години, а, бандите кои се обидуваат да го соборат привремениот претседател Ариел Анри, контролираат 80 отсто од Порт-о-Пренс.

Последниот бран на насилство започна во четвртокот, кога претседателот отпатува за Најроби за да разговара за доаѓањето на меѓународните безбедносни сили предводени од Кенија.

Водачот на бандата, Џими Шеризије, изјави дека ќе води координиран напад за соборување на Анри, додавајќи дека целта на нападот била да се фати шефот на полицијата и министрите на Хаити и да се спречи враќањето на Анри.

„Сите ние, вооружените групи во провинциските градови и вооружените групи во главниот град, сме обединети“, изјави поранешен полицаец за кој се верува дека стои зад неколку масакри во главниот град, пренесе Би-би-си.

Во бранот вооружени напади загинаа четворица полицајци, а петмина се ранети. Француската амбасада на Хаити советуваше да не се патува во главниот град и неговата околина. Полицискиот синдикат на Хаити побара помош од војската за обезбедување на затворот, но нивниот штаб беше нападнат доцна навечер во саботата. Арнел Реми, адвокат за човекови права чија непрофитна организација работи во затворот, на Икс објави дека помалку од 100 од скоро 4.000 затвореници останале зад решетки.

Од атентатот на претседателот Мојзе во 2021 година, насилството е во пораст на Хаити. Негов наследник се уште не е избран, а избори не се одржани од 2016 година. Според политичкиот договор, требаше да се одржат избори и Анри требаше да се повлече до 7 февруари, но тоа не се случи. Во јануари, ОН објавија дека повеќе од 8.400 луѓе биле жртви на насилство на банди на Хаити минатата година, вклучувајќи убиства, повреди и киднапирања, што е двојно повеќе од бројот регистриран во 2022 година. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан