• сабота, 23 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ утре ќе соопшти дали ќе ја прифати поканата за лидерска средба

ВМРО-ДПМНЕ утре ќе соопшти дали ќе ја прифати поканата за лидерска средба
Битола, 4 ноември 2022 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека утре ќе го соопшти ставот дали ќе ја прифати поканата за учество на лидерската средба свикана за в понеделник од премиерот Димитар Ковачевски, откако ќе направи консултации со коалициските партнери, со пратеничката група и со Извршниот комитет на партијата. - Вечерва имам состанок со проширениот состав на Општинскиот комитет овде во Битола. Утре имаме настан, се надевам дека телефонски попатно ќе имам можност да се консултирам со коалициските партнери, со пратеничката група, со Извршниот комитет и веќе во текот на утрешниот ден ќе соопштиме дали ќе одиме и ако не, зошто не одиме, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по извршениот увид во градежните активности за асфалтирање на Бруснички пат во населеното место Брусник во Битола. Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, испрати покана за лидерска средба со претседателите на сите политички партии застапени во парламентот за 7 ноември, која треба да се одржи во Собранието, со цел да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус. Запрашан како партијата ќе ја оствари целта за предвремени избори, Мицкоски вели дека тоа ќе го сторат „со обезбедување на 61 пратеник во Собранието“, на што напорна работат. Во однос на тоа дали во евентуалната идна влада на ВМРО-ДПМНЕ би коалицирале со ДУИ, тој вели дека како партнери ги посакуваат партиите од албанскиот опозициски блок. - Тоа не сме кажале никогаш дали ќе коалицириме со ДУИ или со која било друга политичка партија, може и да не коалицираме со ДУИ. Наша цел и амбиција во делот на албанскиот блок е албанската опозиција, но има правило на Бадентер и ние мора да го почитуваме и ќе се водиме по тоа правило за да можеме да ги спроведеме реформите. Доколку имаме коалиција со политичката партија ДУИ, тогаш секако дека тие луѓе кои што се инкриминирани и за кои имаме основано сомнение, нема да бидат ниту во мојот кабинет, ниту ќе бидат дел од институциите. Но, ќе направиме се што е во наша моќ албанската опозиција да биде нашиот коалициски партнер, рече Мицкоски. вг/сп/

Остани поврзан