• вторник, 26 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ е отворена за разговори за промена на изборниот модел, тврди Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ е отворена за разговори за промена на изборниот модел, тврди Мицкоски
Скопје, 13 октомври 2020 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е против избор на пратениците во Собранието во една изборна единица и изборниот модел да се менува неколку месеци пред избори, но сега може да се седне и да се разговара за промена на изборниот модел, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Канал 5. - Ние може сега да седнеме и да разговараме за промена на изборниот модел зошто да не биде пола-пола, да речеме да имаме 60 мнозински изборни единици и една изборна единица која што ќе даде 60 пратеници, зошто да не зборуваме за 120 мнозински, додаде Мицкоски. Според него, политичарите треба да покажат зрелост и на следните локални избори да не се трошат пари во услови на тешката економска состојба и градоначалниците да се избираат во два круга. - Мислам дека треба да заврши изборниот циклус посебно во делот на градоначалниците во еден изборен круг и тоа е вистинска реформа која што треба да ја направиме и на тој начин ќе заштедиме милиони пари од граѓаните и истите тие милиони може да ги насочиме за таблети и лаптопи за децава да можат да следат настава онлајн, истакна Мицкоски. Говорејќи за пописот на населението најавен за следната година, Мицкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не може да ја поддржи оваа операција, доколку не биде вклучена во изработка на законот за попис. - Нас не ни е потребна операција попис заради исполнување на какви било бројки. Нас ни е потребно операција за дефинирање на статистички параметри во државата, нагласи Мицкоски. Во однос на Законот за јавното обвинителство, Мицкоски рече дека тие предложиле сите тековни предмети што се отпочнати во законскиот рок од страна СЈО, државниот јавен обвинител да ги прераспредели онаму каде што припаѓаат, а сите останати предмети отпочнати по рокот да влезат во обвинителска процедура, но тоа да биде допрен глас, но таквиот предлог власта не го прифатила. - Доколку има индиции за сторен криминал тогаш Обвинителството нека си покрене обвинение, Судот нека одлучува дали тоа обвинение е издржано или не, нека има судски процес ако обвинението е издржано и на крај Судот нека пресуди и досуди дали е виновен тој што го сторил тоа дело или нека го ослободи од обвинение. Ова требаше ние да го ставиме во закон, изјави Мицкоски, посочувајќи дека многу правни експерти сметаат оти начинот на кој предметите од СЈО се пренесени на Јавното обвинителство е незаконски. Во врска со идејата јавниот обвинител да се избира по предлог на опозицијата, Мицкоски нагласи дека тоа не е барање на  ВМРО-ДПМНЕ, туку на СДСМ додека беше во опозиција. - На годишнината од нивната власт велат вака - еве после втората година од оваа влада предводена од СДСМ и Зоран Заев ние ќе дозволиме опозицијата да предложи јавен обвинител. Самиот тој го кажа тоа. И ние само велиме - ајде исполни барем едно од стотиците ветувања коишто си ги дал, истакна Мицкоски. сп/

Остани поврзан