• понеделник, 23 декември 2024

Владата ја усвои Националната стратегија за лозарство и винарство за зголемена конкурентност на пазарите

Владата ја усвои Националната стратегија за лозарство и винарство за зголемена конкурентност на пазарите

Скопје, 5 септември 2023 (МИА) – Владата на денешната 182 седница ја усвои Националната стратегија за лозарство и винарство за зголемена конкурентност на пазарите во земјава и странство.

Како што информираат од Влада, овој стратешки документ има за цел подобрен индекс на квалитет на производството, воведување нови производствени технологии и современ пристап за промоција и маркетинг на крајните производи во и надвор од Република Северна Македонија на долгорочен план.

Основниот ефект кај сите чинители во вредносните ланци кај лозарството и винарството се очекува да биде зголемување на вредноста на крајниот производ, преку унапредување на работните процеси, оптимизација на трошоците и зголемувањето на квалитетот, што води до поголема конкурентност на производите на пазарот и поголем пазарен удел. Со тоа, оценето е дека би се зголемил вкупниот приход и профитот што го делат чинителите во ланецот.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство појаснуваат дека приоритетни цели во оваа Национална стратегија за развој на винарството и лозарството е зголемување за 50 процента во литри и евра на извозот на вино во шишиња, зголемување за 10 отсто на вредноста на наливното вино во евра, воспоставување на најмалку три заштитени географски ознаки, минимум 10 проценти од виното пуштено во промет да носи географска ознака до крајот на 2033 година, за минимум 30 проценти обновуање на лозовите насади и зголемување за 5 отсто на површината под лозови насади и четири проценти од лозовите насади да произведуваат органско сертифицирано винско грозје.

Исто така, како резултат на оваа десет годишна стратегија треба да произлезат селектирани клонови за Кратошија, Вранец и Станушина, да има јавно достапен и функционален дигитализиран лозарски катастар и развиен вински туризам со 15 проценти зголемен број на посети во винарските визби до крајот на 2033 година.

Директни корисници се сите чинители во вредносниот ланец на лозарство и винарство, како лозари, откупувачи, преработувачи, логистички фирми задолжени за транспорт и дистрибутери. 

Индиректни корисници на резултатите од активноста се сите чинители во земјоделството и сродните индустрии. свс/цр

Фото:МЗШВ

Остани поврзан