• среда, 23 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Владата на Србија пренасочила 94 милиони евра на денот по најавата на Вучиќ за зголемување на платите и пензиите

Владата на Србија пренасочила 94 милиони евра на денот по најавата на Вучиќ за зголемување на платите и пензиите

Белград, 27 мај 2025 (МИА) - Владата на Србија донела одлука да пренасочи 11 милијарди динари, или околу 94 милиони евра, од бројни државни проекти за покривање на трошоци што се „непознати“ кога беше усвоен буџетот. Одлуката е донесена еден ден по ветувањето на Александар Вучиќ за зголемување на пензиите и платите, но не е познато дали тие работи се поврзани, бидејќи во одлуката на Владата нема објаснување, објавија денеска белградски медиуми.

Како што може да се види во објавената одлука, точно 11.014.673.000 динари ќе бидат пренасочени кон Министерството за финансии, односно кон буџетската резерва, за „финансирање на расходи и расходи што не беа познати во процесот на донесување на Законот за буџетот на Република Србија за 2025 година“.

Во одлуката не е наведено за што треба да се потрошат парите, а засега нема одговор за тоа од Министерството за финансии.

Одлуката на Владата на Србија само покажува дека парите ќе бидат пренасочени од бројни институции како што се министерства, локални самоуправи, Агенцијата за спречување на корупција и други.

Најмногу пари се земаат од Министерството за одбрана - вкупно 3,4 милијарди динари, кои требало да бидат потрошени за неколку неидентификувани цели.

Две милијарди динари што беа наменети за Министерството за трговија за „поддршка на спроведувањето на ЕКСПО Белград 2027“ исто така се пренасочуваат кон буџетската резерва.

Милијарда динари ќе бидат пренасочени од изградба на канализациска инфраструктура и инфраструктура за отстранување на цврстиот комунален отпад. Овие пари требаше да се потрошат преку Министерството за градежништво.

Двесте милиони динари се пренасочуваат од поддршка на работата на Фондот за иновативни активности. Ќе бидат пренасочени и повеќе од еден милион евра (165,5 милиони динари), кои требаше да бидат наменети за формирање и одржување на задолжителни резерви на нафта, нафтени деривати и природен гас.

Дури и БИА е „засегната“, - „одземени“ и се 56,4 милиони динари.

Одлуката на Владата за префрлање на средствата ја потпишал премиерот Ѓуро Мацут на 22 мај.

Еден ден претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ најави зголемување на минималната плата и пензиите. зш/
фото МИА

Остани поврзан