• недела, 24 ноември 2024

Вишеградската група бара од ЕУ да ги принуди фармацевтските компании за побрза испорака на вакцините

Вишеградската група бара од ЕУ да ги принуди фармацевтските компании за побрза испорака на вакцините
Варшава, 17 февруари 2021 (МИА) - Премиерите на земјите од Вишеградската група, на денешниот состанок во Краков, побараа од Европската комисија да ја искористи својата економска моќ и итно да изврши притисок врз фармацевтските компании да испорачаат вакцини против коронавирус на Европската унија во согласност со договорените обврски.
- ЕК мора да ја искористи економската моќ на ЕУ за да изврши притисок врз овие големи корпорации. Имаме договорено вакцини, плативме милијарди евра однапред, од нив го финансираа истражувањето, а се покажа дека овие компании ги злоупотребуваат недоволно конкретните одредби на договорот, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки на прес-конференција.
Матеуш Моравјецки Моравјецки, кој е домаќин на самитот на Вишеградската група, кој, покрај Полска, го сочинуваат Унгарија, Словачка и Чешка, истакна дека ЕУ, која прва го финансираше развојот на вакцините, треба да ги има во што поголем број.
- Веќе во март, април, не во јули кога ќе има вишок вакцини. Мора да имаме што е можно повеќе до мај, рече Моравјецки.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш побара од ЕК да најде начини фармацевтските компании да престанат да извезуваат вакцини произведени во ЕУ се додека не ги исполнат своите обврски кон европските земји од кои однапред добиле големи средства.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека ја споделува загриженоста на премиерот на Вишеградската група поради недоволната испорака на нарачани вакцини и дека зголемувањето на производството и итната испорака на вакцините ќе бидат тема на видео конференција на шефовите на држави или влади на ЕУ следната недела.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Игор Матовиќ побараа денеска во Краков да престане политизацијата на вакцините.
- Ние сакаме вакцини брзо. Се разбира, иако ја почитуваме безбедноста, брзината е поважна од цената. Треба да го ослободиме прашањето за вакцини од геополитиката. Постои само една вакцина - онаа што може да ги заштити луѓето. Не постои источна вакцина, има само добра или лоша, рече Орбан.
Словачкиот премиер Матовиќ рече дека заштитата на граѓаните не може да се поврзува со политиката.
- Вирусот не избира вакви или онакви политички ставови. Наша обврска е да ги заштитиме животите на луѓето, без оглед од каде потекнува вакцината, рече Матовиќ.
Премиерите на Вишеградската група побараа помош од Шарл Мишел за обезбедување проток на стоки преку внатрешните граници во ЕУ и во услови на пандемија, а чешкиот премиер Андреј Бабиш ја критикуваше Германија за затворањето на границите кон неговата земја и ЕУ затоа што нема план за Западен Балкан или проширување на Шенген зоната.
Вишеградската четворка, која започна како Вишеградска тројка пред распадот на Чехословачка, годинава слави 30 години регионална соработка во неформалната група, која започна во Вишеград, Унгарија, на 15 февруари 1991 година, со тогашниот полски претседател Лех Валенса, чехословачкиот Вацлав Хавел и унгарскиот Јозеф Антал.
Целта на групата беше прво да се приклучи на НАТО и на ЕУ преку регионална соработка, а опстана до денес како платформа за заеднички став во рамките на ЕУ. паг/
 

Остани поврзан