Венгу: Албанија стои зад Косово за да ја гарантира стабилноста во регионот
- Албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу на средбата со командантот на Косовските безбедносни сили (КБС), генерал-потполковник Башким Јашари, даде гаранции дека Албанија стои зад Косово за да ја гарантира стабилноста во регионот
Тирана, 22 мај 2025 (МИА) – Албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу на средбата со командантот на Косовските безбедносни сили (КБС), генерал-потполковник Башким Јашари, даде гаранции дека Албанија стои зад Косово за да ја гарантира стабилноста во регионот.
На средбата во Тирана, на која присуствуваа и началникот на Генералштабот на албанските вооружени сили, генерал-потполковник Арбен Кинѓи, се разговараше за „стратешката и братска соработка меѓу две земји во областа на одбраната, која се смета за фактор на стабилност за регионот и јасна ориентација кон евроатлантските интеграции“.
Министерот Венгу го поздрави високото ниво на соработка со Косово и ја потврдил посветеноста за поддршка на членството на Косово во регионалните и меѓународните иницијативи, вклучително и Јадранската повелба.
Меѓу другото, на состанокот се разговараше за кревката безбедносна состојба во регионот, осудувајќи ги терористичките и криминалните напади во северно Косово, како и тензиите во Босна и Херцеговина.
Венгу нагласи дека Албанија секогаш ќе остане на страната на Косово за да гарантира одржлива безбедност и стабилност во регионот. Тој, исто така, го потенцира ставот на Албанија дека КФОР е гаранција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово.
Венгу и Јашари ги нагласија заедничките приоритети за зајакнување на Косовските безбедносни сили, како и активното учество во една од најголемите мултинационални воени вежби „Дефендер Европа 25“, која од 25 мај до 9 јуни ќе се одржи во Албанија, предводена од Европската команда на САД. вт/ми/
Фото: Министерство за одбрана на Албанија