Вело Марковски најави кандидатура за претстојните претседателски избори
- Универзитетскиот професор Вело Марковски ја најави првата претседателска кандидатура за претстојните претседателски избори, кои треба да се одржат напролет.
Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) - Универзитетскиот професор Вело Марковски ја најави првата претседателска кандидатура за претстојните претседателски избори, што треба да се одржат напролет.
Намерата за поднесување на кандидатура, Марковски официјално ќе ја објави в четврток, на 19 октомври.
За да влезе во трката за избор на претседател на државата, тој ќе треба да собере 10.000 потписи или да биде поддржан од најмалку 30 пратеници.
Поголемите партии сè уште немаат објавено кој ќе биде нивниот кандидат за шеф на државата.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека на следните претседателски избори политичкиот концепт „Европски фронт“ од партии кои се залагаат за европска интеграција на државата ќе имаат заеднички кандидат.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак изјави дека досега се искристализирале 22 имиња, но во периодот што следува тој список ќе биде намален.
Петгодишниот мандат на актуелниот претседател Стево Пендаровски истекува на пролет следната година.
Согласно Уставот, за претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на државата најмалку десет години во последните 15 години.
Кандидат за претседател на Републиката можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници. За претседател на Републиката е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи. ир/бак/
Фото: Принтскрин