Велика Британија вети уште 19 милиони фунти помош за Појасот Газа
- Велика Британија вети дополнителни 19 милиони фунти (24 милиони долари) финансиска помош за Појасот Газа, откако британската секретарка за развој Анализ Додс ја опиша ситуацијата таму како „катастрофална“, јави ДПА.
Лондон, 2 декември 2024 (МИА) – Велика Британија вети дополнителни 19 милиони фунти (24 милиони долари) финансиска помош за Појасот Газа, откако британската секретарка за развој Анализ Додс ја опиша ситуацијата таму како „катастрофална“, јави ДПА.
Се очекува Додс да ги посети палестинските територии и Израел како дел од тридневното патување кое ќе почне денеска со хуманитарна конференција во египетскиот главен град Каиро.
Новото финансирање ќе ја донесе вкупната сума обезбедена од Британија за Палестинците на 99 милиони фунти, соопшти Канцеларијата за прекуокеанска заедница и развој. Во сумата се вклучени и 12 милиони фунти за Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања и Светската програма за храна.
Додс се очекува да се сретне со палестинскиот премиер Мохамед Мустафа и да го посети бегалскиот камп на Западниот Брег пред да замине за Израел, каде што ќе има состаноци со официјални лица и ќе ги повика израелските власти да обезбедат помошта да стигне во Газа.
Британската министерка треба да се сретне и со семејствата на британските заложници киднапирани од Хамас.
- Ситуацијата во Газа е катастрофална. Жителите на Газа имаат очајна потреба од храна и засолниште како што се приближува зимата, предупреди Додс.
- Конференцијата во Каиро ќе биде можност да се соберат водечки мислења на оваа тема и да се предложат вистински решенија за хуманитарната криза, додаде таа. јт/