• среда, 27 ноември 2024

Вархеји: ЕУ сака да го забрза процесот на проширување, Србија годинава ќе отвори два кластера

Вархеји: ЕУ сака да го забрза процесот на проширување, Србија годинава ќе отвори два кластера
Белград, 15 јули 2021 (МИА) - Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји денеска изјави дека Европската Унија сака да го забрза процесот на проширување, што за Србија значи отворање на два кластера во пристапните преговори уште во текот на оваа година, јави дописникот на МИА од Белград. - Политиката за проширување останува во срцето на нашите активности и ние сакаме да ја забрзаме, се наведува во пишаната изјава на Вархеји за Конференцијата за резултатите и можностите на ИПА фондовите во Србија, насловена „Србија и ЕУ: Поддршка за развој и преговори за членство“ што се одржува во Белград. Вархеји посочи дека Србија игра клучна улога во регионот и Европа и дека Западен Балкан е еден од највисоките приоритети за ЕУ, што беше јасно демонстрирано за време на пандемијата на коронавирус, кога Унијата обезбеди пакет помош од 3,3 милијарди евра за регионот. Вархеји најави дека ЕУ ќе обезбеди поддршка за долгорочно закрепнување и во таа смисла потсети дека е изготвен План за економски инвестиции за Западен Балкан во вредност од 30 милијарди евра. - Ова беше јасно покажано за време на пандемијата, кога ЕУ се однесуваше кон своите партнери од Западен Балкан како кон идни членки, посочи Вархеји. Тој додаде дека Економскиот инвестициски план кој е усвоен од ЕУ за Западен Балкан треба да му помогне на регионот да се трансформира и да излезе посилен од кризата. Како што наведе Вархеји, тоа доаѓа како дополнителна поддршка на скоро пет милијарди евра неповратна помош што Србија ја доби во текот на изминатите години. Српскиот претседател Александар Вучиќ во говорот на Конференцијата посочи на резултатите од ИПА 2, кои ги вклучуваат финансиските перспективи од 2014 до 2020 година, и изјави дека ЕУ е најголем донатор на Србија со повеќе од три милијарди евра грантови. Вучиќ истакна дека во Србија се спроведуваат реформи во сите најважни области, како што се владеењето на правото, енергетиката, земјоделството, инфраструктурата, додавајќи дека со спроведувањето на реформите, кои се тешки, Србија ни денес немаше да биде најсиромашна членка на ЕУ. об/ми/

Остани поврзан