• петок, 08 ноември 2024

Ван Хоол ќе стипендира и поддржува магистри на ФЕИТ

Ван Хоол ќе стипендира и поддржува магистри на ФЕИТ
Скопје, 22 февруари 2022 (МИА) - Компанијата „Ван Хоол Македонија“ ќе стипендира и поддржува магистри на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Ван Хоол ќе стипендира двајца кандидати од областите „Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика“ и „Компјутерски технологии и инженерство“ на ФЕИТ. Освен стипендиите, како што беше посочено при денешното потпишување на договорите за стипендии, компанијата ќе ја продолжи досегашната соработка со ФЕИТ при реализација на други проекти. Факултетот продолжува со своите активности за унапредување на својата трета мисија - соработката со индустријата, истакна деканот на ФЕИТ проф. д-р Димитар Ташковски на денешното потпишување на договорите за стипендирање. -Оваа соработка станува се позначајна во современото општество, бидејќи овозможува трансфер на знаење, иновативни решенија и можности за нови вработувања. При дефинирање на оваа соработка, секогаш во фокусот се нашите студенти и затоа континуирано ги прилагодуваме нашите студиски програми за потребите на индустријата, а компаниите обезбедуваат практична работа и реални проекти за студентите, донираат опрема и слично, рече Ташковски. Денешниот договор, нагласи, е пример за таква соработка, со што се обезбедени школарини и стипендии за двајца студенти на магистерски студии кои треба да работат на конкретни истражувачки проекти во самата компанија. Генералниот директор на компанијата Ван Хоол, Аврам Стојчевски посочи дека Ван Хоол веќе повеќе од две години активно трансферира дел од својот know-how од Белгија од областа на напредни технологии за изработка на возила со нула-емисија на штетни гасови по околината, т.е. на електрични и водородни градски и туристички автобуси. -Досега компанијата ширум Европа и САД има пласирано преку 1.200 такви возила. Нашите развојни активности во периодот што измина и во периодот што следи уште повеќе ги засилуваме и сме среќни и задоволни што имавме можност да најдеме една таква сериозна институција како што е ФЕИТ со која соработуваме и која покажа интерес и волја ефективно и практично да се вклучи во понатамошниот развој на овие технологии водени од страна на нашата компанија, изјави Стојчевски. Нагласи дека ја продолжуваат успешната соработка преку идентификување на соодветни студиски програми и студенти во фаза на пост-дипломски студии, кои, како што рече, компанијата Ван Хоол дополнително ќе ги поддржи преку стипендирање и вклучување во истражувачките дејности.вј/лв/

Остани поврзан