Буршаков за МИА: Казахстан ја одбележува 33-годишнината од независноста со динамични реформи и раст
- -Има амбициозни планови за соработка меѓу двете држави, која може да стане поинтензивна со укинувањето на постоечкиот визен режим меѓу двете земји и поедноставувањето на административните процедури, како и зајакнувањето на правната заштита за пристап до поголеми пазари и можности за меѓународен бизнис, вели амбасадорот Буртшаков.
Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Со динамични реформи кон зајакнување на демократијата и економскиот раст, Република Казахстан денеска одбележува 33 години од независноста, вели Сатибалди Буршаков, казахтански амбасадор во Северна Македонија во интервју за МИА по повод одбележувањето на 16 Декември - Денот на независноста на Казахстан.
- Казахстан презеде огромни чекори во последните години кон зајакнување на нашата демократија. Како и секоја земја, ние имаме уникатна политичка култура која е производ на нашата посебна национална историја и идентитет. Се оддалечивме од „супер-претседателскиот“ систем и целосно ја ресетиравме нашата демократија и нашите институции, погодни за нова фаза од нашиот национален пат. Додека се обидуваме да создадеме „Праведен и фер Казахстан“, ни треба нашите институции да ги одразуваат тие вредности. Ова нема да се случи преку ноќ, а ние продолжуваме да работиме понапорно од кога било за да се осигураме дека нашата земја и граѓаните просперираат, вели меѓу другото во однос на реформите, амбасадорот Буршаков, кој е првиот казахтански амбасадор за земјава со резиденција во Скопје.
Осврнувајќи се на билатералните односи меѓу Астана и Скопје, тој забележува дека Северна Македонија е еден од важните партнери на неговата земја во балканскиот регион.
- Нашата соработка во различни сектори поттикна силни врски и меѓусебно разбирање, отворајќи го патот за понатамошен развој и соработка. Во таа насока, ја отворивме Aмбасадата на Казахстан во Скопје и назначивме нов амбасадор за зајакнување на нашето партнерство. Следната година, ќе ја прославиме 30-годишнината од нашите дипломатски односи (1 јуни 1995 година), што дополнително ја нагласува нашата посветеност за унапредување на соработката и истражување на нови можности за заеднички иницијативи од корист на двете нации, вели Буршаков.
Во овој контекст, тој ја спомена и неодамнешната средба на маргините на Светскиот самит за климата во Баку меѓу претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев и претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, на која, како што вели, шефовите на двете држави ја поставија агендата за продлабочување на соработката во трговската, економската и инвестициската сфера, како и за поедноставување на визниот режим за граѓаните на двете земји.
- Има амбициозни планови за соработка меѓу двете држави, која може да стане поинтензивна со укинувањето на постоечкиот визен режим меѓу двете земји и поедноставувањето на административните процедури, како и зајакнувањето на правната заштита за пристап до поголеми пазари и можности за меѓународен бизнис, вели амбасадорот Буршаков.
Во интервјуто, тој зборува за процесите за модернизација на земјата, за принципите на новиот економски курс на земјата, засилениот економски раст кој годинава достигна 5,1 проценти, за успешната политика во привлекување странски директни инвестиции, како и за дигитализацијата, вложувањата во образованието, политиките за справување со климатските промени и туризмот како гранка која станува се позначајна во однос на уделот во БДП.
Казахстан е мултиетничка и мултиконфесионална земја со над 20 милиони жители, каде има 130 етнички малцинства. Горди се на толеранцијата и соживотот во општеството со сопствен модел и принципи на кои земјата ја гради оваа внатрешна кохезија.
Следува целосното интервју со амбасадорот на Казахстан Сатибалди Буршаков:
Како ги оценувате билатералните односи со Северна Македонија и кои се областите за развој на соработката?
- Северна Македонија е еден од нашите важни партнери во балканскиот регион. Нашата соработка во различни сектори поттикна силни врски и меѓусебно разбирање, отворајќи го патот за понатамошен развој и соработка. Во таа насока, ја отворивме Aмбасадата на Казахстан во Скопје и назначивме нов амбасадор за зајакнување на нашето партнерство. Следната година, ќе ја прославиме 30-годишнината од нашите дипломатски односи (1 јуни 1995 година), што дополнително ја нагласува нашата посветеност за унапредување на соработката и истражување на нови можности за заеднички иницијативи од корист на двете нации. Во текот на изминатите децении беа воспоставени редовни контакти на различни нивоа, вклучувајќи претседателски, парламентарни и министерски посети. Благодарение на ова, до денес е поставена потребната законска рамка. Потпишани се меѓудржавни договори во сферата на внатрешните работи , меѓувладини договори во трговската, економската и фискалната сфера. Заемна поддршка се обезбедува во меѓународни организации како што се ОН, ОБСЕ, УНЕСКО и други меѓународни специјализирани структури.
На 13 ноември годинава во Баку, во рамки на Светскиот самит за климата, претседателот на Казахстан Касим-Жомарт Токаев се сретна со претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова. Шефовите на нашите држави ја поставија агендата за продлабочување на соработката во трговската, економската и инвестициската сфера, како и за поедноставување на визниот режим за граѓаните на двете земји. Двете страни се договорија за развивање контакти меѓу деловните кругови на Казахстан и Северна Македонија. К. Токаев ја покани Г. Сиљановска-Давкова да го посети Казахстан. Активно се унапредуваат и меѓупарламентарните односи. Создадени се такви билатерални механизми на интеракција како меѓувладина комисија, конзуларни консултации и бизнис форуми.
Има амбициозни планови за соработка меѓу двете земји, која може да стане поинтензивна со укинувањето на постоечкиот визен режим меѓу двете земји и поедноставувањето на административните процедури, како и зајакнувањето на правната заштита за пристап до поголеми пазари и можности за меѓународен бизнис.
Така, македонската компанија Алкалоид годинава отвори свое претставништво во Казахстан. Во наредниот период можеби ќе забележиме повеќе посети, поголема трговија и контакти меѓу луѓето. Врвни настани оваа година во однос на нашите односи со балканските земји беа отворањето амбасади на Казахстан во Северна Македонија, Албанија, Словенија, како и Генерален конзулат во Црна Гора. Неколку години претходно беа отворени нашите амбасади во Србија и Хрватска. Некои од балканските земји се членки на ЕУ, други се кандидати за членство. Ова значително го зголемува потенцијалот во трговијата, рударството, земјоделството и фармацевтската индустрија. Елоквентна потврда за прагматичната соработка на нашата земја со регионот може да биде фактот што пред три недели, на 19 ноември, претседателот на Казахстан беше во прва официјална посета на Србија, каде имаше суштински разговори со неговиот колега Алесандар Вучиќ. При оваа посета беа потпишани 10 меѓувладини и меѓуресорски документи.
Казахстан минува низ период на значајни политички реформи и регулативи насочени кон зајакнување на политичкиот плурализам и решавање на социјалните прашања. Можете ли да ни кажете повеќе за нив?
Казахстан презеде огромни чекори во последните години кон зајакнување на нашата демократија. Како и секоја земја, ние имаме уникатна политичка култура која е производ на нашата посебна национална историја и идентитет. Се оддалечивме од „супер-претседателскиот“ систем и целосно ја ресетиравме нашата демократија и нашите институции, погодни за нова фаза од нашиот национален пат. Додека се обидуваме да создадеме „Праведен и фер Казахстан“, ни треба нашите институции да ги одразуваат тие вредности. Ова нема да се случи преку ноќ, а ние продолжуваме да работиме понапорно од кога било за да се осигураме дека нашата земја и граѓаните просперираат. Нашите неодамнешни избори беа поконкурентни и партиципативни од кој било момент во историјата - имаме нови политички партии и поширок опсег на застапеност од кога било досега.
Како дел од пакетот реформи, воведовме квота од 30 проценти за жените, младите и лицата со посебни потреби, прво на изборните партиски листи, а подоцна и при доделувањето на пратеничките мандати. На патот кон градење праведен и фер Казахстан, ги реформиравме клучните институции на моќ и го прошируваме учеството на граѓаните во одлучувањето, истовремено поттикнувајќи поголем плурализам во нашата политика. Преку нашиот уставен референдум и избори, ги трансформиравме владините институции. Постигнавме непобитен напредок кон демократизацијата и кон поинклузивен политички систем и економија. Фактите зборуваат сами за себе.
Спроведовме неколку значајни законодавни реформи кои веќе имаат влијание врз политичкиот систем. За почеток, претседателот, во обид да ја одземе претседателската моќ и да се оддалечи од „супер-претседателскиот“ систем, укина одредени претседателски овластувања над регионалните собранија и носители на локални функции. Претседателот Токаев донесе ограничување на единствен, седумгодишен мандат за претседатели, забранувајќи го реизборот за дополнително зајакнување на казахстанската демократија. Тој, исто така, донесе строги закони со кои се забранува секој близок со претседателот да биде назначен на важни позиции во државниот или јавниот сектор.
Претседателот беше јасен дека зголемувањето на конкуренцијата, плурализмот и застапеноста се врвен приоритет на нашата земја. Сè уште сме млада демократија, а трансформативните реформи на нашиот Устав и институции го забрзаа процесот на демократизација. Конкретни примери вклучуваат намалување на прагот за регистрација на нови партии од 20.000 на 5.000 членови. Покрај тоа, на независните кандидати им беше дозволено да учествуваат на последните парламентарни избори за прв пат, што резултираше со невиден политички натпревар во Казахстан.
Како и со секоја демократија, ние сме во процес на постојана еволуција. Природата на ситуацијата и предизвиците со кои се соочуваме денес е сосема поинаква од она со што се соочивме по независноста. Како што истакна претседателот, некогашниот „супер-претседателски“ систем некогаш ни служеше добро, но веќе не е погоден за целта: ова беше движечката сила зад нашите нови реформи - ние продолжуваме да се развиваме за да се осигураме дека нашата влада ги исполнува потребите на нашиот народ најефективно. Во Казахстан повторно беше формиран Уставниот суд под претседателот Токаев, со силен мандат да ја зајакне заштитата на основните права и слободи со тоа што ќе им даде можност на граѓаните да се жалат директно до судот.
Се сметате за најголемата економија во Централна Азија и сте еден од најголемите извозници на нафта и ураниум во светот. Какви се плановите на земјава во наредниот период за експлоатација на нафта и во тој контекст за развој на индустријата и енергетската инфраструктура?
- Во своето годишно обраќање до народот на Казахстан на 1 септември 2023 година, „Економскиот курс на фер Казахстан“, претседателот Касим-Жомарт Токаев ја претстави својата фундаментално нова економска парадигма за развојот на земјата. Дефинирачките принципи на новиот економски курс на земјата ќе бидат правдата, инклузивноста и прагматизмот.
Новиот економски модел на шефот на државата ги опфаќа сите најважни аспекти на економијата, вклучително и економска диверзификација, сеопфатно зајакнување на одбранбено-индустрискиот комплекс, пробив во агроиндустрискиот комплекс, развој на нуклеарната енергија, проблемот со водните ресурси, целосен развој на транспортната и логистичката индустрија, дигитализација и иновации, креативна економија, поддршка за мали и средни претпријатија, завршување на работата на воведување на квалитативно нов систем на јавни набавки, заштита на домашните производители, развој на наоѓалишта на ретки метали, таканаречената „нова нафта“ и многу други.
Што се однесува до предводникот на казахстанската економија - секторот нафта и гас, во 2023 година обемот на производство на нафта изнесуваше 89,9 милиони тони, гас - 59,1 милијарди кубни метри, а комерцијалното производство на гас изнесуваше 29,8 милијарди кубни метри. Од 2026 до 2030 година ќе започне етапното пуштање во употреба на 4 погони за преработка на гас во земјава.
Стапката на економски раст во земјава во 2023 година изнесуваше 5,1 проценти, поради што БДП порасна на 261,4 милијарди американски долари. Ние сме исто така критичен играч на глобалните пазари - произведуваме 43 проценти од светскиот ураниум и се рангираме меѓу првите 20 производители на нафта, пченица и други стоки. Во логистиката, 80 проценти од сегашниот копнен транзит меѓу Азија и Европа минува низ нашата земја.
Генерално, индустриската политика станува двигател на транзицијата кон квалитативно поинаков развоен модел. Јасни критериуми за ефективноста на спроведувањето на задачите се оптимални, временски непролонгирани (3 години) и конкретни бројки, како што е, на пример, главната цел на планираните реформи - стабилен економски раст на ниво од 6-7 проценти, удвојувајќи ја големината на националната економија до 2029 година, на 450 милијарди долари. Клучната карактеристика, основата на новиот економски модел е неговата хуманост. Областа на посебно внимание се интересите и потребите на нашите граѓани, нивната благосостојба, почнувајќи од раѓање: „Секое дете во нашата земја треба да има среќно и безбедно детство“. Претседателот на државата апелира демографските движења на нашата земја (просечната возраст на нашите жители е 32 години) да се претворат во конкурентни предности.
Енергетската стабилност е клучна за развојот на секоја земја, во тој контекст се одржа референдум за изградба на нуклеарна централа, кој доби поддршка од населението. Кои се плановите на Владата за изградба на нуклеарната централа?
- Според политичкото раководство на земјата, изградбата на нуклеарна централа (АЕЦ) е долгорочен проект. Тоа ќе обезбеди одржлив напредок за земјата во децениите што доаѓаат, ќе го зајакне енергетскиот суверенитет на Казахстан и ќе даде моќен поттик за развојот на различни сектори на економијата, науката и образованието и ќе придонесе за формирање на врвни инженери и специјалисти во многу полиња.
Националниот референдум што се одржа на 6 октомври 2024 година беше една од фазите на проектите за изградба на нуклеарната централа. Станува збор за проектот за изградба на АЕЦ во регионот Алмати на југоисток од Казахстан, на брегот на езерото Балхаш (второто по големина солено езеро во светот по Каспиското Море). Пуштањето во употреба на АЕЦ треба да го намали енергетскиот дефицит на југот на земјата, што достигна 3,1 терават-часови (TWh) до крајот на 2023 година.
Во моментов, Владата ќе треба да одлучи за снабдувач на технологија. По избор на добавувач и спроведување на инженерски истражувања, ќе се подготви проектна документација која ќе биде доставена на јавни расправи.
Дали успехот на Казахстан во привлекувањето странски инвеститори се должи само на неговата географска положба и богатството од нафта и минерални ресурси или Владата нуди други поволности за инвеститорите?
- Казахстан останува убедливо најголемата економија во Централна Азија. Поттикнати од млада и енергична популација, растечката средна класа, изобилни природни и земјоделски ресурси и огромен глобален транзитен потенцијал се основите за раст и диверзификација. Минатата година, забележавме економски раст од 5,1 проценти, а целта е да го удвоиме БДП на 450 милијарди долари до 2029 година. За да ја постигнеме оваа амбициозна цел, мораме да обезбедиме годишен раст од 6 до 7 проценти преку градење на економија заснована на модерни знаење и поттикната од иновации.
Казахстан, исто така, игра клучна улога во производството на енергија без јаглерод на глобално ниво, како водечки извозник на ураниум, со 43 проценти од светската понуда. Огромниот потенцијал на земјата за обновливи извори, исто така, значи дека таа е подготвена да биде главен извозник на чиста енергија во остатокот од Евроазија.
Згора на тоа, како што светот се декарбонизира во наредните децении, критичните минерали, вклучително и ретките, ќе станат суштински. Казахстан е подготвен да стане еден од главните добавувачи на овие транзициски минерали.
Казахстан е храбар во инвестирањето. Посветени сме на поттикнување инвестициска клима во согласност со највисоките глобални стандарди за да се осигураме дека Казахстан останува примарна дестинација за СДИ во Централна Азија.
Од 1993 година, Казахстан привлече вкупно 441 милијарди долари странски директни инвестиции (СДИ). Топ 10 инвеститори од 2005 година се Холандија, САД, Швајцарија, Кина, Русија, Франција, Велика Британија, Белгија, Република Кореја и Јапонија.
Во 2023 година, бруто приливот на СДИ во Казахстан изнесуваше 23,4 милијарди долари, а во првиот квартал од 2024 година - 5,7 милијарди долари. За да го удвоиме обемот на нашата економија до 2029 година, планираме да привлечеме најмалку 150 милијарди американски долари СДИ. Неодамна создадовме инвестициски одбор со голема моќ за да го зајакнеме одлучувањето и сеопфатната државна поддршка од почетоко до крај за стратешки инвестициски проекти.
Меѓународниот финансиски центар во Астана (AIFC) е единствена институција во Централна Азија која нуди меѓународен суд заснован на англиското обичајно право, арбитражен систем и регулатива од светска класа. Во 2024 година, повеќе од 3000 компании од 82 земји беа регистрирани во АИФЦ. Вкупниот обем на тргување на берзата AIX во 2023 година беше 582 милиони американски долари, што е за 236% повеќе од 2022 година.
Од 2018 година, преку платформата AIFC се собрани повеќе од 12 милијарди долари инвестиции.
Казахстан е мултиетничка и мултиконфесионална земја со над 20 милиони жители, каде има 130 етнички малцинства. Горди сте на толеранцијата и соживотот во општеството. Кои се принципите на кои земјата ја гради оваа внатрешна кохезија?
- Традициите на пријателство и меѓусебно разбирање се длабоко вкоренети во самосвеста на граѓаните на Казахстан. Ова е основата на хармонијата, мирот и соживотот во земјата. Разновидноста на културите што историски се развивале на плодната казахстанска земја стана составен дел од нашиот идентитет.
Во оваа насока, соодветно е да се забележи дека во наредната 2025 година, Собранието на народот на Казахстан ја слави својата 30-годишнина од основањето (1 март 1995 година). Ова е консултативно и советодавно тело под претседателот на државата. Задачата на Собранието е да ја развива и спроведува државната национална политика. Денес во земјава околу 40 етнички групи имаат републички и регионални етнокултурни здруженија, нивните театри и училишта се отворени за развој на нивните мајчини јазици и култури.
Обединети од заедничките идеали и вредности, самоуверено ги надминуваме сите тешкотии и глобални предизвици. Денес, идејата за Нов Казахстан е моќен фактор за консолидација на општеството. Се заснова на креативната енергија на сите граѓани. Во оваа насока, би сакал да го претставам ставот на нашиот претседател за седумте принципи на националната консолидација:
Прво, независност пред се.
Второ, основата на државноста е територијалниот интегритет.
Трето, државните интереси се најважната вредност.
Четврто, духовната хармонија е извор на единство.
Петто, законот и редот се клучот за напредокот на земјата.
Шесто, создавањето е патот кон обнова и модернизација.
Седмо, довербата, меѓусебната поддршка и солидарноста се највредните квалитети
Дигитализацијата на земјата е нов предизвик кој го спомнува и претседателот Токаев како еден од клучните приоритети.
- Во областа на дигитализацијата, ние сме силно посветени на користење на технологијата за подобрување на управувањето, зголемување на ефикасноста и зајакнување на транспарентноста. Повеќе од 90 проценти од државните услуги во нашата земја се обезбедуваат по електронски пат, а учеството на безготовинските трансакции сега надминува 80 проценти.
Обемот на ИТ извозот само минатата година се зголеми за пет пати. Имаме намера оваа бројка да ја зголемиме на една милијарда долари до 2026 година. Се развиваат програми како „Дигитален Казахстан“, се создаваат ИТ паркови и технолошки паркови (на пример, Astana Hub, TechGarden итн.). Има даночни олеснувања и грантови за ИТ компании кои придонесуваат за развој на дигиталната економија.
Меѓу тековните достигнувања се значителниот раст на ИТ секторот, зголемувањето на бројот на ИТ компании и стартапи, од кои многу добија меѓународно признание и инвестиции. Учеството на казахстански ИТ компании на меѓународни настани и партнерства со глобалните ИТ гиганти како Microsoft, IBM и Google ја потврдуваат конкурентноста на Казахстан на светскиот пазар.
Во моментов, универзитетите во нашата земја воведуваат современи трендови во областа на ИТ, ги развиваат своите образовни програми користејќи трендови во ИТ, а исто така соработуваат со меѓународни универзитети. Ова помага да се подготват квалификувани специјалисти. Исто така, нашите образовни институции соработуваат со водечки платформи за онлајн учење како што се Coursera и edX. Дополнително, се спроведуваат подобрувања на инфраструктурата, како што се зголемување на брзината и достапноста на Интернет и дигитализација на јавните услуги, кои создаваат унифицирана информациска средина и стимулираат употреба на ИТ технологии на државно ниво.
Значајно достигнување е дигитализацијата на економијата и општеството, вклучувајќи го и развојот на е-влада и финтек. Ова ја поедноставува интеракцијата на граѓаните со владините агенции и финансиските услуги. Создавањето истражувачки центри и активниот развој на домашниот софтвер придонесуваат за иновации и научно истражување во ИТ сферата.
Така, благодарение на државната поддршка, образовните иницијативи, подобрената инфраструктура и значајните достигнувања во ИТ секторот, Казахстан ги има сите потребни услови да стане ИТ земја.
Кои се постулатите на надворешната политика на Казахстан?
- Клучните елементи на нашата надворешна политика се независноста, мултилатерализмот, регионалната стабилност и дипломатијата. Казахстан силно ја поддржува улогата на Обединетите нации како единствена универзална организација, движечка сила на глобалната соработка и напредок. Сметаме дека конструктивниот ангажман со сите клучни партнери е од суштинско значење за зајакнување на долгорочниот мир и просперитет и во нашиот регион и пошироко.
Казахстан беше домаќин на делови од процесот на Иранскиот нуклеарен договор, разговорите за Сирија и неодамна состаноци меѓу Ерменија и Азербејџан.
Нашата земја доброволно се откажа од својот нуклеарен арсенал и продолжува да ги поддржува глобалните напори за неширење на нуклеарното оружје. Иницијативата на Астана за формирање на Меѓународна агенција за биолошка безбедност ги надополнува нашите заложби за спротивставување на заканите за глобалната безбедност.
Казахстан би сакал да види поинклузивен и поодржлив меѓународен систем. Државите, без разлика колку се мали или големи, треба да бидат способни да придонесат за градење на подобар свет. Казахстан е подготвен да продолжи да игра доследна и активна улога на светската сцена. Ние сме на раскрсницата на дипломатијата, економската соработка и мултилатералното владеење. Заедно со нашите колеги и партнери, можеме значително да го обликуваме идниот свет. Не сакаме да бидеме пасивни набљудувачи во овој променлив меѓународен поредок. Напротив, ние се стремиме да станеме архитекти на побалансиран, праведен и одржлив глобален систем.
Прашањето за безбедноста и одбраната е централна тема во контекст на глобалните геостратешки поместувања. Колку земјава инвестира во оваа сфера?
- Од особена важност се прашањата за ажурирање на главните пристапи кон имплементацијата на Националната безбедносна стратегија и спроведувањето на мерките за зајакнување на одбранбената способност на земјата од гледна точка на зајакнување на економскиот и воениот потенцијал на Казахстан во контекст на комплицираната геополитичка ситуација во светот.
Во оваа насока, се преземаат мерки за зголемување на воениот потенцијал на државата и опремување на армијата со современо оружје и воена опрема, вклучително и оние произведени од домашни претпријатија од одбранбената индустрија. Приближно 1,5-2% од БДП на земјата се насочува годишно во одбранбениот сектор.
Во контекст на климатските промени, пошумувањето е важна владина политика. Кои се инвестициите на земјава во оваа дејност?
- Во областа на заштитата на животната средина, Казахстан е посветен на целите на глобалната климатска агенда. Силно го поддржуваме Парискиот договор за климатски промени. На 3 декември, претседателите на Казахстан и Франција беа кодомаќини на Самитот за една вода во Ријад, Саудиска Арабија, на маргините на COP16 од Конвенцијата на ОН за борба против опустинувањето за да се решат најитните прашања од агендата за вода. Ние, исто така, активно се ангажираме со нашите пријатели и партнери за да бидеме домаќини на Регионален самит за климата во Казахстан во 2026 година во тесна соработка со ОН.
Последната деценија беше најжешката во историјата на човештвото. Стапката на затоплување во нашиот регион - во Централна Азија - е алармантна и бара итна акција. Ова е особено точно во однос на одржувањето на безбедноста на водата и храната. Казахстан е меѓу десетте најголемите производители на пченица и брашно, извезувајќи до 7 милиони тони пченица годишно. Но, доколку се реализира негативното сценарио, приносите на пченицата може да се намалат за речиси 40 отсто до 2030 година.
Затоа активното пошумување игра важна улога во апсорпцијата на јаглерод диоксид. Казахстан е земја со ретки шуми. Површината на шумскиот фонд е 30 милиони хектари или 11 проценти од територијата. Во 2021 година, започна голема програма за зазеленување на земјата. До 2025 година ќе бидат засадени 2 милијарди дрвја. Оваа иницијатива станува проект од навистина национално ниво со голем меѓународен одѕив.
Казахстан планира да издвојува околу 10,5 милиони американски долари годишно за работа за пошумување во рамките на државните програми. Овие средства се насочени и кон директна работа за пошумување и кон развој на инфраструктурата, заштита од ерозија и долгорочно истражување на животната средина.
За неверојатниот раст на главниот град Астана од мал град во супер модерен главен град и колку државата инвестира во туризмот?
- Би сакал да привлечам внимание на фактот дека во времето на одлуката да се пресели главниот град од Алмати во декември 1997 година, Астана (тогаш Акмола) беше голем регионален центар во Централен Казахстан со население од над 287 илјади луѓе. Поради динамичниот развој, населението на главниот град надмина 500 илјади во 2003 година, достигна 1 милион во 2018 година и надмина 1,5 милиони жители на 1 октомври 2024 година.
Денес, Астана не е само политички и административен центар, туку и важен економски, културен и академски центар на Казахстан, привлекувајќи туристи од целиот свет.
2024 година стана значајна година за туризмот во Казахстан. Земјата спроведува сет системски мерки насочени кон модернизирање на туристичката индустрија, зголемување на нејзината конкурентност и нејзино интегрирање во глобалната економија. Благодарение на владината поддршка, привлекувањето инвестиции и промоцијата на меѓународната сцена, земјата покажува позитивни резултати во туристичката индустрија, која станува важен двигател на економскиот раст и меѓукултурната интеракција.
Туристичката индустрија на Казахстан покажува одржлива динамика. Приливот на странски посетители изнесува 11,5 милиони луѓе, што е речиси двојно повеќе од истиот период од 2023 година.
Значителен раст покажуваат и економските показатели на индустријата. Вкупниот приход на сместувачките капацитети се зголеми за 27%, што изнесува повеќе од 460 милиони американски долари.
Инвестициите во туристичката индустрија продолжуваат да растат брзо. Во текот на 10 месеци од 2024 година, нивниот обем се зголеми за 33,6%, што изнесува околу 1,4 милијарди американски долари.
Се зголемува државната поддршка за туристичката индустрија. Годинава обемот на одобрени барања за државна поддршка е зголемен за 3 пати.
На 18 ноември, Казахстан ја воведе Neo Nomad Visa-та за дигитални номади, правејќи ја земјата привлечна за новата генерација патници кои работат од далечина. Напредокот се одразува и на меѓународните рангирања: Казахстан се искачи на 52-то место од 119 земји, од 80-то место во 2019 година.
Генерално, Казахстан пречекува патници од 100 земји без визи, што го прави главна дестинација за странските туристи. Казахстан, огромно пространство во Централна Азија, е земја преполна со различни градови кои нудат уникатни искуства, богата историја и прекрасни пејзажи. Познат по своето културно наследство, Казахстан може да се пофали со традиционална музика, танц и занаетчиство, додека модерниот развој на градовите како Астана покажуваат футуристичка архитектура и урбанистичко планирање. Природната привлечност на земјата е дополнително засилена со атракциите како Каспиското Море, најголемата внатрешна водена површина во светот и спокојната убавина на езерата Балхаш и Алакол.
Астана беше домаќинот на 5. Светски Номадски игри овој септември, важен настан на меѓународната сцена. Игрите собраа 2.700 учесници од 89 земји. За време на овој значаен настан 600.000 странски туристи го посетија Казахстан.
Во таа насока, би сакале да им се заблагодариме на боречкиот тим од Северна Македонија за учеството на Номадските игри кои ги покриваше и МИА.
Виолета Геров
Фото: Фросина Насковиќ/ МНР на Република Казахстан