• петок, 08 ноември 2024

БузАр почнува со формирање на мултимедијален корпус со македонски музички песни

БузАр почнува со формирање на мултимедијален корпус со македонски музички песни

Скопје, 24 април 2023 (МИА) - Архивот БузАр „Buzarovski Archive“ почна со формирање на мултимедијален корпус со македонскиот музички фолклор. Основната цел на овој проект е формирање на единствена база со мелограми, аудио и видео записи, во која секоја песна ќе добие свој идентификациски број кој ќе ги поврзе различните форми на записи и ќе овозможи брзо пребарување по различни параметри.

БузАр инаку содржи 14 колекции со фолклор во кои се наоѓаат повеќе илјади дигитализирани македонски народни песни, од кои над 1000 мелограми, повеќе илјади снимки од кои најголемиот дел е направен во 1950, 1960 и 1970-тите години од истакнатите македонски музички собирачи на фолклор (Фирфов, Видоески, Пенушлиски, Брзанов), како и поголем број на документарни видеа. Архивот, кој во моментов има речиси три терабајти дигитализирани материјали придружени со соодветни дигитални бази на податоци, содржи и снимки во сопствена продукција на над 100 концерти од подрачјето на сериозната музика, над 170 кратки видеа од ИРАМ-овата видео хроника, сопствени изданија на книги во електронски формат за бесплатно преземање од страницата на архивот, повеќе илјади фотографии.

Од пред две години, БузАр отвори и јутјуб канал во кој почна со поставување на видеата од своите колекции. Симболично 200 видео беше посветено на првиот број од MCMFS, песната „Ој Ѓине, Ѓине“.

-Во него од Мелограмската колекција на Живко Фирфов изработена во 1970-тите години, која содржи 383 необјавени мелограми на македонски народни песни, беше избрана песната „Ој Ѓине, Ѓине“. Во БузАр за оваа песна постои и аудио запис со Николинка Илиева снимен во 1974 во село Истибања, Виничко, кој исто така е вклучен во ова видео. Во 2005 година Ирена Митевска-Милевска ја дигитализираше оваа колекција преку скенирање на оригиналните мелограми и нивно препишување во програмата Сибелиус, соопштија од архивот.

Препишувањето на мелограмите во нотни процесори „Сибелиус“ ќе биде проследено и со нивна современа интерпретација во видео формат, со што се прави и ревитализација и афирмација на овој репертоар, посебно меѓу младите. Првата ваква интерпретација е испеана од Бојана Богоевска.

Проектот го водат Димитрије Бужаровски, Трена Јорданоска и Александар Димитријевски. Како и целата активност на БузАр, се работи за проект кој е исклучиво основан на ентузијазмот и волонтерската работа на сите негови учесници кои се истакнати професионалци во областа на музикологијата и етномузикологијата. бт/сп/

Остани поврзан