• петок, 08 ноември 2024

Бразилски Врховен суд: Армијата не може да интервенира во домашните спорови

Бразилски Врховен суд: Армијата не може да интервенира во домашните спорови

Сао Паоло, 8 април 2024 (МИА) – Врховниот суд на Бразил денеска пресуди дека армијата нема право да интервенира во споровите меѓу гранките на власта.

Сите 11 судии во Врховниот суд гласаа против толкувањето на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро од април 2020 година, дека во согласност со членот 142 од Уставот, армијата има „модераторска моќ“ помеѓу извршната, законодавната и судската власт. Според Болсонаро која било власт може да побара од армијата да преземе акција за воспоставување на ред во Бразил.

- Уставот ја овластува армијата да ја штити нацијата од закани и ги гарантира уставните овластувања, но не е во согласност со какво било толкување што дозволува употреба на вооружените сили за одбрана на една моќ против друга, се наведува во образложението на Врховниот суд.

Актуелниот Устав на Бразил усвоен е на 5 октомври 1988 година, три години по падот на дводецениската воена диктатура.

Победата на Болсонаро на изборите во 2018 година го означи враќањето на вооружените сили на власт. Поранешен армиски капетан, кој беше отворено носталгичен за деновите на воената диктатура, именува воени офицери во неговиот кабинет, како и илјадници активни членови на службата и резервисти на цивилни позиции во неговата администрација.

По поразот од левичарот Луис Инасио Лула да Силва на изборите во 2022 година, приврзаниците на Болсонаро со месеци кампуваа пред касарните барајќи воена интервенција.

Болсонаро никогаш не го призна поразот, ниту побара од нив да се повлечат, а на 8 јануари 2023 година, бројни негови поддржувачи организираа немири во главниот град Бразилија, при што беа вандализирани Врховниот суд, Конгресот и претседателската палата. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан