• понеделник, 23 декември 2024

Бочварски: Oпштина Центар треба да одлучи дали ќе се гради објектот спроти „Холидеј ин“

Бочварски: Oпштина Центар треба да одлучи дали ќе се гради објектот спроти „Холидеј ин“
Скопје, 23 април 2021 (МИА) - Oпштина Центар на чија територија се наоѓа парцелата пред хотелот „Холидеј ин“ треба да одлучи за Деталниот урбанистички план и дали на таа локација треба да се гради или не, изјави вечерва министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју на „360 степени“ на телевизија Алсат-М. Според него, Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ може да побараат суспензија на Деталниот урбанистички план, кој ја вклучува и парцелата спроти хотелот „Холидеј ин“, на тој начин што ќе достават елаборат за сузпензија до Минстерството за транспорт и врски, по кој ќе решаваат експертска комисија, без влијание на политиката. - Секако, мојот став генерално е дека урбанизацијата треба да продолжи во согласност со потребите, изјави Бочварски. Тој нагалси дека тоа што не е донесен новиот тарифник за дефинирање на цените по метар квадратен не е пречка за неспроведување на постапката за суспензија. - Тој тарифник воопшто нема врска со суспензијата, затоа што суспензија на планови може да се тера како постапка и тоа воопшто не е спорно и е предвидено и во новиот Закон. Додека не биде донесен тарифникот, односно додека не бидат донесени подзаконските акти од новиот Закон, важат актите од претходниот Закон. Така што, општините и во овој момент можат да распишуваат постапки по претходниот Закон за урбанистичко планирање, додаде Бочварски. Говорејќи за новиот Закон за легализација на бесправно изградени објекти, Бочварски нагласи дека тој ќе предвидува и високи казни со што би се одвратиле граѓаните да градат дивоградби. - Првиот аспект се казнените пенали, а вториот аспект е урбанизацијата и новиот Закон за урбанистичко планирање којшто ќе даде можност за урбанизирање на средините и поголема капацитетност на општините да можат брзо да носат урбанистички планови, а притоа да ги одвраќаме луѓето да влегуваат во вакви постапки на бесправно изградени објекти. И третиот и за мене најважен аспект е билдањето на капацитетите на инспекциските служби. Тоа го започна оваа Влада преку покачување на платите перманентно во неколку години на градежните инспектори, така што, многу важно е да ги зајакнеме инспекциските служби. Но, факт е дека такви објекти постојат и треба да ги решава оваа држава. Дали ќе ги решава или ќе ги става по тепих тие на крајот од денот ќе станат голем проблем, додаде Бочварски. Според него, кога еден објект ќе се стави во правна рамка, општината ќе може да наплати повеќе средства, со цел да може да ги решава и инфраструктурните прашања. Тој потенцира дека еден од целите на новиот закон за легализација на дивоградбите ќе биде и решавање на статусот на општински или државни објекти кои во минатото, иако биле изградени според редовни постапки, не биле впишани како постоечки. Запрашан за меморандумот што Владата го потпиша со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10, министерот за транспорт и врски нагласи дека тој документ не е обврзувачки, ветувајќи дека целата постапка на склучување на договорот ќе биде транспарентна. Тој нагласи дека Владата не го крие меморандумот со „Бехтел-Енка“ и секој што сака може да го види. - Ние сме транзитна земја на коридорот 8 и коридорот 10 коишто се вкрстуваат и не сакаме како Влада да се доведеме во ситуација тие коридори при некои идни поместувања да бидат на некоја друга траса и ние да бидеме заобиколени и да останеме слепо црево. Апсолутно имаме право како Влада да размислуваме на сите можни начини за изградба на патишта, истакна Бочварски. Тој  нагласи дека Министерството за финансии ќе го има главниот збор за тоа како и на кој начин ќе се изврши финансирањето на овие патишта и дека ќе бидат вклучени стручни тимови и меѓународни консултантски компании со цел да се креира закон, а потоа и договор, по што двата документи ќе бидат доставени на усвојување во Собранието. - Овде ќе бидат вклучени многу институции, експерти, стручни луѓе, консутантски компании, реномирани меѓународни компании кои ќе работат на креирање на закон, а потоа и на договор и тие два документи ќе завршат во Собранието каде повторно ќе бидат отворени пред пратениците, опозицијата и ќе се разговара со сите страни. Досега склучивме само меморандум кој е необврзувачки, но ќе се обидеме да креираме модел кој ќе биде побрз и поефикасен, рече министерот за транспорт и врски Бочварски во интервјуто за „360 степени“ на Алсат-М. сп/

Остани поврзан