• петок, 08 ноември 2024

Бочварски се обрати на прославата од 73 години постоење на Архитектонски факултет

Бочварски се обрати на прославата од 73 години постоење на Архитектонски факултет
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска се обрати на прославата од 73 години постоење на Архитектонски факултет. Како што информираат од Министерството, во својот говор тој се осврнал на значењето и влијанието на архитектурата во развојот на една земја. - Најпрво сакам да изразам огромна благодарност на поканата да присуствувам на овој настан во одбележување на 73 години од постоењето на Архитектонскиот факултет Скопје. Секое доаѓање овде ме потсетува на студентските денови на овој Факултет каде се здобив со огромно знаење и искуство во оваа дејност од врвните професори што несебично го предаваат своето богато знаење на студентите, истакнал Бочварски во своето обраќање. Посочил дека архитектурата е креативна професија, спој на уметноста и инженерството, поврзување на идејата и финалниот производ и претставува вештина, планирање, стил на работа, креација, процес, симбол, дизајн, оригиналност во работењето каде секој нов процес е неповторлив. - Денес сме сведоци на бројни архитектонски дела, на сегашни или архитекти од друго време, кои оставиле траен белег во нашето општество. Тоа е само доказ за стручноста, професионалноста и вештината што го дава оваа образовна институција. Нашата задача и цел е да создадеме јасна слика за архитектонската дејност, нејзината практичност и потреба без која не може да функционира општеството, истакнал министерот. Во своето обраќање Бочварски говорел и за напредокот на Архитектонскиот факултет, опишувајќи го како високообразовна институција со статус од национално значење. - Посебно сум горд затоа што студирав во време кога моите професори колеги и асистенти пристигнаа од Светски признатото биенале во Венеција, а нивниот проект беше рангиран и наградени во трите најдобри проекти во Светот во тој момент. Тоа говори само за еден факт. Дека ова е вистинска силна високообразовна институција со која јас се гордеам лично и како ресорен министер во делот на архитектурата, градењето и урбанизмот, додал тој. Истакнал дека во Министерството за транспорт и врски соработува со тим од искусни архитекти кои своето знаење несебично го насочуваат во изградба на капиталните проекти од стратешко и национално значење за државата. Министерот Бочварски им посакал на студентите секој од нив да се стекне со титула дипломиран инженер архитект и да продолжат да создаваат иднина за себе, за граѓаните и за идните генерации. ки/дма/

Остани поврзан