• четврток, 06 март 2025

Потпишан Договорот за 2,4 милиони евра грант за изградба на заеднички железнички граничен премин Табановце

Потпишан Договорот за 2,4 милиони евра грант за изградба на заеднички железнички граничен премин Табановце

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и шефот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Фатих Туркменоглу денеска го потпишаа Договорот за инвестициски грант од 2, 4 милиони евра за проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин Табановце. Договорот е дел од инвестицискиот пакет од 7,6 милиони евра за изградба на заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија.

Проектот предвидува изградба на нова заедничка зграда за потребите на Граничната полиција, Царина и инспекциски служби на Македонија и Србија, како и реновирање на постојните објекти во Табановце.  Исто така предвидена е изградба и на нова патна и комунална инфраструктура. Според планираната динамика, проектот треба да биде имплементиран за две години. Оваа година се очекува да се избере изведувачот и да почне изградбата на заедничката железничка станица со придружните објекти. 

Претходно Европската банка за обнова и развој за овој проект одобри заем од пет милиони евра и грант од 250 илјади евра.

-Се работи за заеднички железнички премин помеѓу Македонија и Србија. На овој начин ќе ја подобриме комуникацијата помеѓу двете држави зашто ќе имаме ONE STOP SHOP и во железничкиот дел, кога се патува со воз. Се надевам дека ова ќе биде вовед кон повторно воспоставување редовна патничка железничка линија помеѓу Скопје и Белград за што се потребни секако напори од двете страни. Се работи за проект во вредност од вкупно 7,4 милиони евра во градежниот дел и 250 000 евра во делот на консултантски услуги и надзор. Сметаме дека еден од главните економски крвотоци на државата е токму Коридорот 10 што почнува на јужните пристаништа, Пиреа кај Атина и на солунското пристаниште и продолжува до Централна Европа, до државите како Унгарија, Австрија, Чешка и Словачка. Очекуваме да се забрза движењето на добра и стоки во двата правци и за увоз во Европа, но и за извоз од Европа. Ова ќе значи нови работни места, зголемена економска активност и секако побрз транзит на патници и стока низ нашата држава, што секако ќе ја направи уште поатрактивна, истакна вицепремиерот Николоски.
   
Според Туркменоглу, овој проект е јасен доказ за континуираната поддршка на ЕБОР за напорите на земјава да ја подобри својата инфраструктура долж железничкиот Коридор 10.

-Целта е да се оптимизираат процедурите за поминување на границата со едно застанување со што ќе се зголеми ефикасноста и ќе се намали времето на чекање. Воспоставувањето заеднички граничен премин е клучна инвестиција за поттикнување на регионалниот раст и за подигнување на свеста за придобивките кои произлегуваат од цврсти железнички врски во Западен Балкан, напомена Туркменоглу.

Евроамбасадорот Михалис Рокас кој присуствуваше на потпишувањето, потенцира дека границата може да биде пречка, но и премин и отворена можност и ресурс. 

-Целта на грантот е да се помогне да се искористи целосниот потенцијал на заедничкиот ганичен премин за полесно и поефикасно минување на луѓе и стоки. Ова ќе биде придобивка за цела Европа. Имајќи предвид дека двете земји покажаа политичка волја и желба за регионална интеграција и поврзување во рамки на ЕУ, Европската комисија го почна овој проект во 2014 година со вопоставување на платформата за поврзување, а денеска обезбедивме целосно финансирање. Сега Македонија ќе оствари придобивка од подобри капацитети преку создавање единствена железница и единствен граничен премин. На овој начин се обезбедува директна поддршка за напорите на земјата за унапреудвање на Коридорот 10, што ќе ги подобри и трговските врски. Во пракса ова ќе осигури намалување на времето за поминување и тоа ќе биде попривлечно и побезбедно. Се додека Македонија не стане членка на ЕУ, ние сме посветени да помогнеме границата да ја претвориме во можност за развој и за побрз премин кон единстевниот пазар на ЕУ, рече Рокас. 

Со Србија се склучени протоколи меѓу граничните полиции, царинските управи, железничките компании за инфраструктура и транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство. мч/са/

Фото: Министерство за транспорт

Видео: Влада

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан