• вторник, 24 декември 2024

Борел: Демократијата мора да надвладее во регионот на Сахел

Борел: Демократијата мора да надвладее во регионот на Сахел

Брисел, 8 септември 2023 (МИА) - Регионот на Сахел, кој стана погодно тло каде воените хунти лесно создаваат национална кохезија за прикривање на сопствените неуспеси и злоупотреби, претставува тест за целата Европска Унија, оцени денеска високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел во писмена изјава во врска со последните настани во овој дел на Африка и пред се во Нигер. 

Според Борел, главен проблем во регионот се воените хунти затоа што немаат средства за вистинска борба против тероризмот и амбиции да го подобрат секојдневниот живот и идните перспективи на своите народи. 

- Оние во Европа или на друго место, кои се радуваат на тешкотиите со кои се соочуваат Европејците во Сахел, не го проценуваат правилно ова прашање. Сите ние ќе платиме висока цена ако не успееме да останеме кохерентни и обединети. Само обединета Европа може да влијае на текот на настаните. Следните недели ќе покажат дали сме на висина на задачата за да одговориме на очекувањата во овој стратешки регион, порача Борел. 

Тој потенцира дека ЕУ мора да продолжи со непоколебливата поддршка за демократски избраниот претседател на Нигер, Мохамед Базум онолку долго колку што  ќе биде потребно и да бара враќање на уставниот поредок во земјата.  

- Иднината на демократијата во целиот регион е загрозена. Демократијата што ја сака народот на Нигер, онаа што ја промовира ЕКОВАС и онаа што ЕУ ја брани низ целиот свет, наведе Борел. 

Според него, согласно определбата да се бараат „африкански решенија за африканските проблеми“, ЕУ мора непоколебливо да продолжи со поддршката на напорите на Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) за надминување на кризата во Нигер, бидејќи „нема простор за секундарни аранжмани или паралелни канали за посредување“.

- Освен што ги брани своите демократски вредности, ЕУ има и голем интерес да види како Нигер се враќа на патот на уставниот поредок. Ако уште една земја од Сахел падне во рацете на воена хунта, тоа би имало далекусежни негативни последици за Европа во однос на безбедноста, миграциските текови и геополитичката рамнотежа на силите. Погрешно е да се верува дека воените хунти би можеле ефикасно да се борат против терористичките движења или трговијата со луѓе. Најдобрите бедеми против ваквите закани се демократските држави со амбиција, волја и средства да создадат нови можности за своите народи, нагласува Борел во изјавата. сп/ссм/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан