• петок, 17 јануари 2025

Божиновска - Касијев: Се интензивира енергетското партнерството меѓу Македонија и Азербејџан

Божиновска - Касијев: Се интензивира енергетското партнерството меѓу Македонија и Азербејџан

Скопје, 17 јануари 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со амбасадорот на Република Азербејџан за Северна Македонија со седиште во Белград Камил Касијев.

Како што информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, на средбата беше разговарано за унапредување на соработката меѓу двете земји, со акцент на енергетиката како клучна област од заеднички интерес.

- На средбата се разговараше за тековните активности на Македонија за зголемување на енергетската независност. Министерката Божиновска истакна дека земјата активно работи на создавање нови услови за снабдување со природен гас по конкурентни цени и е подготвена да ги истражи можностите за продлабочување на енергетската соработка со Азербејџан, кој се смета за значаен партнер во регионот, стои во соопштението.

Амбасадорот на Азербејџан ја потенцирал подготвеноста на неговата земја за продлабочување на соработката со нашата држава, нагласувајќи дека државниот врв, вклучувајќи го министерот за енергетика и претседателот на Азербејџан, активно поддржуваат иницијативи во енергетскиот сектор.

Во текот на разговорите, како што се наведува, беше изразена подготвеност за олеснување на директни контакти и средби на највисоко ниво, со цел реализација на проекти од заемен интерес. Дополнително на средбата било нагласено дека оваа година во Азербејџан ќе се одржат неколку значајни средби и форуми од областа на енергетиката, при што овие настани ќе претставуваат можност за зацврстување на соработката.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потсетуваат дека оваа средба се надоврзува на неодамнешните активности за зајакнување на билатералната соработка. Во ноември минатата година, на Самитот за климатски промени КОП29 во Баку, министерката Божиновска и претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварија средба со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, кој ја изрази подготвеноста на неговата земја за соработка на инфраструктурни проекти, особено во делот на гасификацијата на Македонија. Дополнително, во истиот период, ЕСМ и СОКАР, државна компанија од Република Азербејџан, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се отвораат можности за подобрување на достапноста на природен гас и обезбедување стабилно снабдување по конкурентни цени.

Азербејџан игра значајна улога во енергетскиот сектор на регионот, со снабдување на природен гас преку различни интерконектори. Бугарија добива гас од Азербејџан преку интерконекторот со Грција, што значително ја менува енергетската карта на Европа. Србија, исто така, потпиша договори за снабдување со азербејџански гас, со планови за испорака на 400 милиони кубни метри гас годишно до 2026 година. мд/дма/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан