• среда, 27 ноември 2024

Битолски конгрес за албанската азбука

Битолски конгрес за албанската азбука
Битола, 22 ноември 2022 (МИА) - На 22 ноември 1908 година во Битола заврши заседавањето на учесниците на Битолски конгрес, кои едногласно ја прифатија одлуката на Комисијата за азбуката, која утврди унифицирана албанска азбука. Тоа е запишано во архивите, книгите, документите и мермерна плоча на куќата, кои сведочат за настанот од пред 114 години, инициран од битолскиот клуб „Башкими“. А сè почна на 27 август во 1908 година кога раководството на клубот „Башкими“ од Битола објави јавен повик со кој ги извести сите клубови и друштва во и надвор од Албанија за предлогот за организирање на Конгресот за азбуката на 14 ноември 1908 година, на кој во космополитска Битола ќе учествуваат сите Албанци, геги и тоски, како и странци и посебно сите филолози, кои се заинтересирани за прашањето околу албанската азбука и одлуката за негово решавање на Конгрес. На историскиот настан, 32 делегати од Битолскиот, Скадарскиот, Јанинскиот и Косовскиот вилает, како и поединци интелектуалци од Софија, Букурешт, Констанца, од Скопје, Ресен, Охрид, Дебар, Корча, Елбасан и други градови, ги избраа членовите на комисијата Ѓерѓ Фишта, Митхат Фрашери, Луиѓ Гуракуќи, Ѓерѓ Ќиријази, Ндре Мједа, Григор Цилка, Димитар Буда, Шахин Колоња, Сотир Пеци, Бајрам Топули и Нужет Вриони. Тие на крајот од Конгресот предложија решение за унифицирање на азбуката на албанскиот јазик. Во сочувана документација и публикации на НУ Музеј на албанската азбука во Битола може да се прочита: - Салата во која се одржа седницата беше исполнета со Албанци кои нестрпливо чекаа да ги дознаат заклучоците на комисијата на азбуката. Објавувајќи ја одлуката на комисијата, претседателот на Конгресот, Митхат Фрашери, рече дека „Комисијата избрана од делегатите ја заврши својата задача, обидувајќи се и надевајќи се за обединување“. По овие зборови Луиѓ Гуракуќи донесе табла, на која беа напишани буквите од азбуката. Одлуката на комисијата се прифати од присутните со аплауз и извици „да живее азбуката“. Азбуката која денес е во употреба се потпира на правилото една буква еден глас и тоа правило се применува како за простите букви, така и за двознаците. Битолскиот конгрес за албанската азбука заврши на 22 ноември со седница зад затворени врати, само со учество на делегатите, а на која, според архивите, се разговарало за организациони прашања. - На оваа седница делегатите прифатија едногласно две резолуции, кои се однесуваа на организационото прашање на културно-националното движење. Во првата резолуција се вели дека сите клубови и друштва кои егзистираат во Албанија треба да му испраќаат секој месец по еден извештај на албанскиот клуб во Битола. Во втората резолуција се вели дека по две години, на 10 јули 1910 година во Јанина ќе се одржи еден друг конгрес за прашањето на јазикот и на албанската литература. Вечерта, на последниот ден на Конгресот, делегатите приредија вечера за раководството на битолскиот клуб и за присутните Албанци, а на трпезата се покажа сета радост и се испрати молба, како што беа собрани и соединети на собирот, така секогаш да ги имаат соединети умовите и срцата, за да работат за доброто за татковината. Така завршил Битолскиот конгрес, чии документи сведочат во витрините на денешниот Музеј на албанската азбука, национална установа во Битола, формирана со одлука на македонската влада од 2009 година. Постојаната изложбена поставка во Музејот се состои од 51 фотографија, изработени со најмодерна технологија, на кои се претставени личностите кои придонеле за развојот на албанската азбука низ вековите, восочни фигури на членовите на комисијата, фотографии на личности учесници на Битолскиот конгрес и 58 документи, меѓу кои автентична копија од Одлуката за прогласување на азбуката на албанскиот јазик, потпишана од учесниците на Конгресот. Од 22 ноември 2007 година, континуирано, Денот на албанската азбука во земјава се слави како државен празник и е неработен ден за граѓаните на албанската заедница во Северна Македонија. Марјан Танушевски

Остани поврзан