Битиќи: Инвестираме околу 2,5 милијарди евра на Коридорот 8
- На Коридорот 8 вложуваме во инфраструктурни проекти во вредност од околу 2,5 милијарди евра и тие се јасен сигнал и кон нашите сограѓани, соседите во регионот, но и во Европа дека инвестираме

Крива Паланка, 9 април 2021 (МИА) - На Коридорот 8 вложуваме во инфраструктурни проекти во вредност од околу 2,5 милијарди евра и тие се јасен сигнал и кон нашите сограѓани, соседите во регионот, но и во Европа дека инвестираме во иднината, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој со вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалнот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски извршија увид во градежните активности на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека само во севереоисточниот дел од нашата земја, во патната и железничката инфраструктура, има проекти во вредност од 700 милиони евра, кои ги опфаќаат изградбата на овој експресен пат, проширување на патот од Крива Паланка до Деве Баир и рехабилитација на патот од Куманово до Страцин, но и изгрдабата на пругата од Куманово до границата со Бугарија. Потенцира дека активно се работи и на западниот дел од Коридорот 8 каде е веќе во изградба автопатската делница Кичево – Охрид во вредност од речиси 600 милиони евра, а во план е изградба, односно реконструкција на автопатскотото решение Ќафасан – Требеништа и Тетово – Кичево, за кое, како што рече, сметаме дека ќе биде решение со коешто еднаш засекогаш ќе биде завршен Коридорот 8 и ќе осигураме поврзување со две соседни земји.
Овие проекти, заедно со планираните и со веќе реализираните инфраструкурни проекти во регионот, треба да овозможат забрзан раст и целосно и конечно поврзување и интеграција на североистокот, кој, нагласи,со децении беше заборавен.
-Кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот не ги попречи капиталните инвестиции. Тие продолжија со изведба и тоа со интензивна динамика. Со ваквите капитални инвестиции ја помагаме економијата во еден многу важен период. Продолжуваме да градиме и да создаваме инфраструктурна комуникација и ново лице на државата. Го оживеавме кривопаланечкиот македонски регион, а секојдневно со многу мудрост работиме на реализацијата и на овој регион и на целата држава. Вложуваме во инфраструктурата, вложуваме во иднината на сите генерации, порача Николовски.
Министерот Бочварски нагласи дека се работни за многу значајна патна артерија во североисточниот дел од земјава на Коридорот -8. Вкупната инвестиција на овој експресен пат од 25 километри е 58 милиони евра со што, како што рече, овозможуваме голем економски потенцијал во овој дел од државата.
-Само на оваа делница на која присуствуваме денеска инвестицијата е над 30 милиони евра. Делницата е од Крива Паланка до Глобочица, рече Бочварски. Посочи дека од изведувачите и од надзорниот орган се информирани дека во оваа втора фаза на експресниот пат се работи со добра динамика и има реализација од над 50 отсто.