Битиќи: Во првите 48 часа АДА услужи 1321 граѓанин
- Транспарентност, ефективност и ефикасност е целта која ја сакавме и која се постигнува со АДА веќе во првите 48 часа од нејзиното лансирање. Дигитализацијата неизбежно се случува, засилено веќе години наназад во приватниот сектор, а сега чекорот го фаќа и јавниот сектор., наведе Битиќи во објавата, потенцирајќи дека во последните 48 часа АДА била активна 166.000 секунди или 46 часа.
Скопје, 12 април 2023 (МИА) - Во првите два дена дигитален асистент во јавниот сектор базиран на вештачка интелигенција, АДА има дадено јавни услуги кон 1321 граѓанин и со нив има разменето повеќе од 24.877 пораки, разговори кои граѓаните ги имаат донесено до бараните информации и документи, објави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи на својот Фејсбук профил.
- Транспарентност, ефективност и ефикасност е целта која ја сакавме и која се постигнува со АДА веќе во првите 48 часа од нејзиното лансирање. Дигитализацијата неизбежно се случува, засилено веќе години наназад во приватниот сектор, а сега чекорот го фаќа и јавниот сектор., наведе Битиќи во објавата, потенцирајќи дека во последните 48 часа АДА била активна 166.000 секунди или 46 часа.
Вицепремиерот посочува дека АДА е дигитална алатка, дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој дава информации и услуги за граѓаните и бизнис секторот.
- Во оваа прва фаза, АДА на сите заинтересирани граѓани и компании ќе им ги нуди сите информации за поддршка на инвестиции по Планот за економски раст, сите повици од програмата на ФИТР, како и условите за инвестирање во нашата земја преку ТИРЗ. Во иднина АДА ќе дава и други услуги од јавниот сектор, посочува Битиќи.
Тој нагласува дека во оваа фаза АДА обезбедува првични информации и податоци за потенцијалните и постоечките инвеститори, а крајната цел на разговорот со АДА е да ги поврзе инвеститорите и граѓаните со вработените административни службеници, од соодветната институција, со цел заокружување на процесот преку потпишување на договори за финансиска поддршка за инвестиции или апликација на некој од повиците на ФИТР.
- АДА за граѓаните на едно место ги сумира сите потребни информации и ги води во процесот додека да го најдат она што вистински одговара на нивните потреби, од удобноста на нивниот дом или работно место, а друга страна ги унапредува работните места, процесите и ефективноста и продуктивноста на вработените во јавниот сектор. АДА е промената која ни е потребна и за која постојано зборуваме, на дело!, напиша вицепремиерот Битиќи во објавата. сп/
Фото: Влада